Здравствени експерти велат дека нема да има концерти во живо до наредната есен 2021 година

Здравствени експерти велат дека нема да има концерти во живо до наредната есен 2021 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Големите собири, како што се конференции, спортски настани и концерти во живо, нема да може да се одржуваат до есента 2021 година, вели Зеке Емануел, директор на Институтот за здравствена трансформација на Универзитетот во Пенсилванија.

Емануел е дел од експертскиот панел собран од „Њујорк тајмс“ за животот по пандемијата на Ковид-19.

- Едноставно не можете да го отворите целото општество. Тоа нема да функционира. Премногу е. Ако го направиме тоа, вирусот ќе се појави на најлошо ниво - вели Емануел.

Според него, рестартирањето на економијата треба да биде извршено во фази, а собирите каде што има толпи луѓе ќе бидат последниот дел што ќе се врати.

- Треба да се почне со физичко дистанцирање на работното место што ќе им овозможи на луѓето да имаат помал ризик од зараза. Одредени видови работни места, како градежништво, производство или канцеларии каде што можете да држите растојание од 2 метра може да почнат порано. Поголеми собири, конференции, концерти, спортски настани, не може да почнат порано. Кога луѓето велат дека ќе презакажат одредена конференција за октомври 2020 година, не знам како мислат дека тоа е можно. Мислам дека тие работи последни ќе се вратат. Реално, најрано тоа би било есента 2021 година - вели тој.

koncert
Фото: Pixabay

Зошто треба да чекаме до втората половина на 2021 година? Има врска со временската рамка за развој на вакцина. Емануел не е единствен што мисли дека вакцината ќе биде достапна за 12 до 18 месеци. Всушност, се чини дека тоа е експертскиот консензус.

Епидемиологот Лери Брилијант вели дека ќе има вакцина за неколку месеци, и тоа е лесниот дел.

- Потешкиот процес е тоа што треба да обезбедиме вакцината да е доволно ефикасна и да не е штетна. А потоа треба да почне нејзиното производство - вели Лери Брилијант.

Но, Брилијант, кој го консултира режисерот Стивен Содерберг во 2011 година за филмот „Зараза“, звучи попесимистички од Емануел. Тој смета дека Ковид-19 и понатаму ќе биде проблем, барем некое време и по доаѓањето на вакцината.

- Сакам да напоменам дека откако ќе имаме вакцина и откако масовно ќе вакцинираме, сепак ќе има епидемии. Ќе треба да имаме еквивалент на програмата за елиминација на детската парализа или програмата за искоренување на сипаниците - вели тој.

Со други зборови, повторното „отворање“ на општеството ќе биде побавно и поболно отколку што се очекува.

Засега, музичарите се приспособија на перформанси во живо преку видеоплатформи.