Тешко е да кажете „не“ кога ќе ве примат на „Харвард“, вели Мила Ивановска од Битола. Универзитетот ќе ѝ ги покрие сите трошоци
Подготвил:
Жанета Здравкоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Таа успеа да влезе во 240. странски студенти што оваа есен ќе го почнат школувањето на Универзитетот со најдолга традиција во Америка
„Кога ни пристигна потврдата дека сум примена на 'Харвард', два дена со моите родители не можевме да поверуваме дека тоа е вистина. Пресреќни сме“. Вака една од најнаградуваните средношколки од Битола, Мила Ивановска, која годинава е матурантка во гимназијата „Јосип Броз Тито“, го опишува чувството откако успеа да се запише на најпрестижниот и најелитен американски универзитет - „Харвард“ во Масачусец, САД.
Таа успеа да влезе во 240. странски студенти што есенва ќе го почнат школувањето на Универзитетот со најдолга традиција во Америка. Школувањето, престојот, па дури и патот ќе бидат на сметка на „Харвард“. Мила е дел од најбрилијантните средношколци во земјава - само во последните пет години учествувала на 23 натпревари и олимпијади, а од 18 се вратила со награди. Навистина е тешко да се избројат сите награди, медали и пофалници што ги добила во текот на образованието.
Аплицирале 58.000, а примени се 1.800
- Донекаде имав изгубено надеж дека ќе се запишам оваа година на студии во Америка. Излегоа статистички податоци за бројот на апликанти. Годинава на „Харвард“, историски гледано, имаше најголем број апликации - дури 58.000, од нив само 1.800 се примени, од кои 240 странски студенти. Значи на секои сто апликанти 3-4 влегуваат. Мислам дека имав голема среќа. За таму треба и да си подготвен, претходно да имаш учествувано во различни активности. Ме прашуваат дали ова беше само поради натпреварите? Не! Натпреварите играат улога, но не толку голема како што замислував. Надвор од училиштето активностите се многу важни, спорт, музика, клубови во кои сум учествувала, меѓународни учества - вели Мила за Факултети.мк.
Уште во септември минатата година ја положила таканаречената SAT матура. Потоа ја пополнила апликацијата, го подготвила CV-то, добила препораки од професори од училиште и однадвор и сето тоа го испратила до престижната институција. Одлучила да се пријави за „Харвард“ бидејќи смета дека студиите на тој универзитет даваат големи можности за стекнување квалитетно знаење, учество во истражувања, но и во студентски организации, како и големи предиспозиции за вработување по дипломирањето. Пријавила интерес да студира физика, но има можност доколку се премисли, да избере и друга научна дисциплина.
Платена школарина, престој, па дури и патот
- Кога ќе се кажеше „Харвард“, си велев нема шанси да влезам таму. Кога стигна дописот, два дена со моите дома не можевме да поверуваме дека ме примија. Многу големи можности отвора студирањето таму, а и дипломирањето потоа. Тешко е да се каже „не“ кога ќе те примат на „Харвард“ - вели Мила.
Денес ѝ стигна и дописот дека трошокот околу нејзиното студирање, престојот, па дури и патувањето ќе ги покрие Универзитетот.
- Примена сум со целосна финансиска поддршка. Тоа не е стипендија како што ние кажуваме според академски основи, туку финансиска поддршка која се дава доколку доаѓате од земја каде што примањата се пониски. Во Македонија е понизок стандардот, а на нивната веб-страница е истакнато дека за сите лица што се примени на „Харвард“, а родителите им земаат помалку од 65.000 долари годишно, нема да се очекува никаков придонес од родителите и дека сè ќе биде на сметка на „Харвард“. Тие ми плаќаат школарина, престој, дури и пат. Секој што ќе успее да се запише, да нема финансиска пречка да учи таму - додава идната студентка.
„Мила сака математика, но физиката ја сака неа“
Ивановска првата награда ја добила како четвртоодделенка на регионален натпревар по математика. Во основно образование била вљубена во математиката, а наставничката по физика знаела да ѝ каже: „Мила сака математика, но физиката ја сака неа“. Средното училиште го завршува во престижната гимназија „Јосип Броз Тито“ во Битола, училиште со долга традиција, синоним за кавалитетно образование, добитник на многубројни награди, признанија, одликувања.
Во текот на своето досегашно образование Мила учествувала на повеќе меѓународни натпревари, меѓу кои на Меѓународна олимпијада по физика, две интернационални јуниорски олимпијади по природни науки каде што освоила два бронзени медала, две јуниорски балкански олимпијади по математика (два бронзени медала), три ирански геометриски олимпијади (сребрен и бронзен медал, пофалница) и два европски математички купови (два бронзени медала). На државни натпревари освојувала први, втори и трети награди по математика, физика, хемија, скијање и по ударни инструменти.
Фото: Приватна архива