Барселона ќе гради „селфи-зона“ пред Саграда Фамилија во обид да го намали метежот од туристи
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Со години наназад жителите на градот се жалат поради метежот со оглед на тоа што над 4,7 милиони туристи годишно застануваат за селфи-фотографии и учество во тик-ток трендови пред прочуената католичка црква.
Туристите често ги блокираат улиците и тротоарите во каталонската престолнина обидувајќи се да ја фатат совршената фотографија пред недовршената базилика на Антони Гауди.
Сега, властите на градот најавија план за создавање јавен плоштад од 6.200 квадратни метри кој ќе ја пренасочи туристичката фреквенција и ќе го реши проблемот на локалното население.
Новиот плоштад, наречен „Предворје на храмот“, ќе биде лоциран на улицата „Марина“, помеѓу улиците „Мајорка“ и „Провенса“, плоштадот „Гауди“ и Саграда Фамилија.
Овој простор ќе биде посветен на туристите и правење селфи-фотографии, без да се попречува движењето на жителите и редовниот сообраќај.
Со буџет од 2,7 милиони евра, изградбата на проектот треба да започне во септември и ќе трае приближно осум и пол месеци со цел да се заврши околу стогодишнината од смртта на архитектот Антони Гауди.
- Овој нов проект помага да се реши просторот каде што тешко се усогласуваат потребите на посетителите на храмот и локалното население - велат од градскиот совет на Барселона.
Проектот е инспириран од предлогот на Рубиo и Тудури од 1977 година за плоштадот на Гауди. Целта е да се создаде мултифункционален простор што ќе биде продолжение на постојниот парк, простор за народни собири и предворје на храмот.
Околу плоштадот ќе има голема клупа која ќе функционира како граница помеѓу новиот простор и плоштадот „Гауди“.
Овој плоштад на улицата „Марина“ е првиот конкретен чекор за управување со големите туристички маси во околината на Саграда Фамилија.
Како дел од планот за дејствување на зони со висока туристичка фреквенција околу Саграда Фамилија, ќе бидат спроведени 37 нови мерки за проширување на јавниот простор, регулирање на движењето на туристите и враќање на просторот за активности на заедницата.
Градскиот совет вложил 15,5 милиони евра за да го намали влијанието на туризмот до 2027 година.
Оваа иницијатива доаѓа по едно турбулентно лето минатата година, обележано со конфликти меѓу жителите и туристите. Во јули илјадници жители на Барселона протестираа против масовниот туризам така што фрлаа вода врз посетителите кои вечераа во туристичките зони.
Шпанските демонстранти извикуваа „Туристи, одете си дома“, носејќи транспаренти со пораки како „Доста е! Да ставиме граници на туризмот“.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Freepik