„Црно огледало“ повторно ги збунува гледачите: Дали „Нетфликс“ успеа да ве излаже и вас?

„Црно огледало“ повторно ги збунува гледачите: Дали „Нетфликс“ успеа да ве излаже и вас?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Секогаш кога ќе сакате да ја промените реалноста, пуштете си ја серијата  „Црно огледало“.

Оваа дистопична научнофантастична ТВ-серија на „Нетфликс“, создадена од генијот Чарли Брукер, често ја осветлува грдата страна на технолошкиот свет околу нас.

Кога се појави првата сезона, доживеавме длабок шок. Потоа следуваа уште 6 сезони кои исто така беа прилично шокантни. Седмата сезона доживеа премиера на 10 април и по само неколку дена предизвика контроверзии.

Меѓутоа, она што ги доведе гледачите до лудило е наводната грешка која можеби е намерна, а се случува во втората епизода наречена „Bête Noire“.

(Внимавајте, текстот содржи спојлери)

Така, некои гледачи започнаа сопствена теорија на заговор тврдејќи дека делови од епизодата кои се поврзани со рестораните се напишани сосема различно бидејќи главниот лик во епизодата изгледа полудува поради истиот проблем.

Епизодата го следи животот на жена по име Марија, која ја глуми Сиена Кели, чиј живот се распаѓа поради нејзината поранешна непријателка од средно училиште Верити, која ја глуми Рози Макевен.

Како што понатаму се покажува во епизодата, Верити е на некаква мисија да ѝ го уништи животот на Марија, користејќи високотехнолошки медалјон за да ја измени реалноста пред очите на Марија, додека остатокот од светот воопшто не е свесен за тоа.

Во еден момент Марија инсистира дека нејзиното момче работело во ресторан кој се викал „Барнис“, при што епизодата претходно навести дека тоа е името на ресторанот, бидејќи нејзиниот партнер носи црвена и бела капа со логото од ресторанот.

Но, нејзините колеги не се согласуваат тврдејќи дека ресторанот се вика „Бернис“, терајќи ја да почне да го истражува името.

Пребарувањето на интернет го потврдува тоа што ѝ го кажаа колегите, што доведува до тоа Марија да почне да ги преиспитува своите животни избори, особено кога ќе ја провери капата на нејзиното момче која наводно се менува во „Бернис“.



Обожавателите велат дека серијата всушност си поигрува со гледачите во реално време. Така, на социјалните мрежи интернет-корисниците тврдат дека серијата го менува името на рестораните за различни гледачи.

- Јас и мојот пријател ја гледавме новата епизода на „Црно огледало“, наречена „Bête Noirе“ и забележавме дека имаше голема разлика помеѓу нашите епизоди. Дури и гледачите се манипулирани! - пишува еден твитер-корисник.

Десетици други ги споредија снимките од епизодата токму на 16 минута и 40 секунда, па открија дека кај некои пишува „Бернис“, а кај други „Барнис“, велејќи дека токму тоа е генијалноста на серијата и нејзиниот чуден шарм.

- Креаторите на „Црно огледало“ се хаотични гении - вели еден интернет-корисник.

Извор: Unilad.com
Фото: Screenshot/YouTube