Гвинеја Бисао - земја каде што насмевката и среќата вредат многу повеќе од парите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Можеби е една од најсиромашните земји во светот, но токму таму ќе ја почувствувате радоста како никаде на друго место. Луѓето таму ја знаат вистинската смисла на животот и што значи да се биде искрено среќен и благодарен за секој нов ден. Енергијата што се шири низ оваа земја ретко каде може да се доживее.
Ве водиме на едно посебно патување, во Гвинеја Бисао, држава во Западна Африка. На запад излегува на Атлантскиот Океан, а се граничи со Сенегал на север и со Гвинеја на исток и југ.
Гвинеја Бисао е една од најсиромашните држави не само во Африка, туку и во целиот свет. Земјоделството е главна стопанска гранка и за многумина единствен извор на приход. Во минатото оваа територија била дел од кралството Габу - дел од Малиското Царство. Земјата прогласила независност на 24 септември 1973 година, а официјално била призната речиси една година подоцна, на 10 септември 1974. Името Бисао е додадено за да се разликува од соседна Гвинеја. Во минатото била позната и како Португалска Гвинеја.
Гвинеја Бисао е земја во која живеат топли, гостопримливи луѓе. Дом е на слатки плодови, а позната е и по силните бои на карневалот кој е едно од најпознатите обележја на земјата, па многумина го нарекуваат африканскиот Рио. Се одржува во февруари, кога времето е најпријатно.
Во текот на карневалот главната улица во градот се затвора и е преполна со луѓе кои танцуваат, скокаат, свират и пеат, обоени, полуголи и, пред сè, неизмерно среќни. Главната улица, како и уште неколку споредни, беа асфалтирани дури пред две години, додека остатокот од градот и понатаму е покриен со црвена земја.
Стотици групи, облечени во костими направени од школки, кравји рогови или лисја, влегуваат во градот за да ја претстават својата култура. Тоа е една од најживописните прослави во Африка.
Гвинеја Бисао има повеќе од десет етнички групи, секоја со свој јазик и култура, кои живеат едни покрај други во хармонија.
Освен со карневалот, оваа земја може да се пофали и со прекрасни плажи.
Од друга страна, Гвинеја Бисао е земја во која 65 отсто од населението живее во сиромаштија, а официјалната просечна плата изнесува околу 100 евра, иако реалната е многу помала. Поголемиот дел од населението заработува околу 40 евра месечно. Но, и покрај тешкиот животен стандард, луѓето не ја симнуваат насмевката од лицето. Изгледа дека луѓето во оваа земја подобро од сите нас ја разбрале суштината на животот - нешто што нема никаква врска со материјалното, туку со она што го носиме во себе. Овие луѓе докажуваат дека дефинитивно радоста доаѓа однатре.
Извор:
Svirckanje.rs
Фото:
Instagram