Бидете самоиницијативни и отворени кон предизвици за да бидете најдобри, вели Дајана Стојчевска, инженер во „Гугл“, дипломец и мастер-студент на ФИНКИ

Бидете самоиницијативни и отворени кон предизвици за да бидете најдобри, вели Дајана Стојчевска, инженер во „Гугл“, дипломец и мастер-студент на ФИНКИ

Подготвил: С.Ѓ

Лектор: Ивана Кузманоска

Бидете фини и љубезни со сите. Добрата комуникација и соработка со луѓето е клучна во ИТ-индустријата. Техничкото знаење е важно, но мора да знаете да ги претставите идеите на лесен и разбирлив начин и да бидете убедливи, да ги дадете вистинските аргументи што ќе истакнат зошто вашето решение е соодветно за дадениот проблем, вели Стојчевска

Дајана Стојчевска веќе половина година е дел од тимот на „Гугл“ во Минхен, Германија. По неколку пракси, студии на ФИНКИ и работно искуство во ИТ-фирма во Скопје, таа стана дел од Stadia тимот на „Гугл“, каде што моментално работи како софтверски инженер.

Разговаравме со неа за нејзините искуства, за да откриеме дали македонските студенти се компетитивни на светско ниво? Што е потребно да се направи за да се стигне до работно место во светски ИТ-гигант каков што е „Гугл“? Дали ФИНКИ доволно ги обучува студентите?

Дајана Стојчевска


„Гугл“ е сон за многу инженери. Во морето од добри инженери од цел свет, каков треба да е профилот на личноста што успева да дојде до ваков гигант?

- По природа сум љубопитна личност, не ми е срам да поставувам разни интересни и предизвикувачки прашања. Интерес за ИТ имав од мала, но немав многу шанси да се едуцирам и да го истражувам тоа поле. На пример, во мое време во Скопје немаше средно училиште специјализирано за ИТ, па така се запишав во гимназија. Во моето образование најблиска допирна точка со ИТ беше тоа што се запишав на Природно-математичка насока. Притоа учев математика, но во однос на програмирање, програмите опфаќаа само површни работи кои беа покриени во првата половина од првиот семестар на ФИНКИ. Се обидов и настрана од задолжителното образование да влезам во ИТ преку разни курсеви, така што можеби бев поспремна од типичен ученик, но, сепак, сѐ додека не дојдов на ФИНКИ, не знаев што е класа (како концепт во објектно-ориентирано програмирање). Затоа, идни студенти, нема потреба за грижа ако и вие сега не знаете.

Она што генерално можам да го извлечам од моето искуство е дека кога сакаме да бидеме најдобри во сѐ, најчесто го губиме фокусот. Затоа е подобро да се фокусираме на тие работи што најмногу нѐ интересираат, да станеме најдобри во нив и да бидеме препознатливи по тоа. Ако се расфрламе на многу страни, нема да ги зајакнеме силните и со тоа ќе останеме просечни во сѐ.

Во моето образование се трудев да извлечам најмногу што можам, барем за темите што ми биле привлечни. Моја силна препорака е да бидете самоиницијативни, сами да преземете акции и да не чекате некој друг да ве мотивира за нешто да направите. На овој начин успеав да стекнам доволно вештини што ми го отворија патот да станам софтверски инженер.

Како академската средина на ФИНКИ помага да се постигне ваков успех? Подготвени ли се студентите да конкурираат на светот?


- ФИНКИ има навистина квалитетен наставен кадар. Од сите луѓе што ќе ги сретнете ќе можете да научите нешто. Сами зграбете ги можностите и барајте информации, не чекајте некој на готово да ви ги даде. Има многу студенти и средината е компетитивна, но тоа е супершанса да се запознаат одлични колеги и пријатели кои ќе бидат со вас долго по студиите.

Дајана по одбраната на дипломската работа на ФИНКИ


 Предметите даваат цврста основа во сите полиња од ИТ, што овозможува сами да видите кое поле какво е и да може полесно да одберете што сакате и кон што да се насочите. Факултетот ве учи како да бидете самостојни, често ќе треба сами да истражувате и да најдете начин како нешто да го направите, но тоа всушност ја рефлектира реалната работа во индустријата.

Од друга страна, често има простор за тимска работа, а и кадарот е пристапен за комуникација и помош. Програмите се модерни и ФИНКИ ги следи светските трендови. Јас лично покрај колегите од странство не сум почувствувала дека заостанувам со знаењето, баш напротив, нашите студенти се доста компетитивни и надвор. На ФИНКИ има предмети на кои може да се научат и конкретните технологии и алатки, но и инженерскиот аспект кој бара математичко и системско размислување.

Кои вештини треба да ги поседува еден квалитетен инженер? Какво искуство треба да има една индивидуа за да може да се натпреварува глобално?

- Мене лично ме интересираше областа на софтверското инженерство и генерално земав изборни предмети од оваа област. Бев на насока каде што учевме програмирање, но и вештачка интелигенција, дизајн на софтвер, математика итн. Во Скопје има многу можности и отворени позиции за работа во ИТ, јас работев речиси две години пред да дојдам овде. Благодарна сум за сите можности што ги имав за соработка со професионалци од ИТ-сферата во Скопје, тоа ми помогна многу. За идните студенти: најверојатно ќе најдете работа пред да дипломирате со оглед на огромните потреби на ИТ-кадри моментално на пазарот, но мој совет е да го довршите факултетот навремено, бидејќи пролонгирањето преминува во развивање навики што не носат ништо добро долгорочно, на пример, испуштање шанси.

Дајана Стојчевска
 

Покрај техничкото знаење, еднакво важно што никако не смее да се запостави е и аспектот на меките вештини. Бидете фини и љубезни со сите. Добрата комуникација и соработка со луѓето е клучна во ИТ-индустријата. Техничкото знаење е важно, но мора да знаете да ги претставите идеите на лесен и разбирлив начин и да бидете убедливи, да ги дадете вистинските аргументи што ќе истакнат зошто вашето решение е соодветно за дадениот проблем.


Без оглед на родот, средината од која доаѓате или фактот дека не студирате на светски познат факултет (и други стереотипи кои постојат во општеството), не дозволувајте да си ставате граници и притисоци, да мислите дека нешто не е за вас или дека не сте доволно добри. Обидувајте се и секогаш давајте го својот максимум.


Како стигнавте до „Гугл“? Како изгледа работната средина?


- Регрутерка ме контактира на „Линкдин“, ми го објасни процесот и јас одлучив да се подготвам за интервјуата. Интервјуата се од темите на алгоритми и податочни структури, така што не го запоставувајте овој предмет. Процесот не е баш едноставен, прво има телефонско интервју како прв филтер. Откако го поминав тоа, потоа имав пет интервјуа во живо, од кои едно опфаќаше теми од меки вештини. 



Дајана Стојчевска


Јас ја добив понудата за канцеларијата во Минхен, така што сега живеам во Минхен, но поради моменталната ситуација, сите работиме од дома. Дел сум од Stadia-тимот, каде што работиме на клауд-платформата за стриминг на игри. Иако работиме од дома, колегите навистина ми помогнаа брзо да се интегрирам во тимот и проектот. Мило ми е што имам можност да работам со врвни инженери буквално од цел свет, сите се супер, отворени се за соработка и имам можности да се надградувам. Се посветува внимание на детали и сечие мислење се цени. Во однос на бенефити, има навистина многу, но јас најмногу го ценам тоа што компанијата се грижи вработените да имаат добар баланс помеѓу приватниот живот и работата.

Студирате мастер-студии на ФИНКИ. Што би им препорачала на идните генерации инженери?

-Од искуство, мислам дека е многу лесно да се најдат недостатоци и критики, но наместо тоа, фокусирајте се на големите нешта што ќе имаат позитивен ефект во иднината. Ќе има многу моменти што се фрустрирачки и нешто нема да ви функционира „од прва“, но тоа е очекувано и им се случува на сите, постојано. Не откажувајте се, стремете се да го исполните тоа што сакате и желбите полесно ќе станат реалност. Секогаш бидете љубопитни, отворени кон предизвици и непознати работи. Не плашете се од поставување прашања. Не е страшно да се постави прашање за нешто што е непознато, страшно е да се ограничиме себеси во надградување на нашето знаење.