Дали фосфинот откриен во атмосферата на Венера е доказ за живот?
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Атмосферата на Венера
содржи траги на фосфин, гас кој на Земјата може да им се припише на живите организми, објавија вчера научниците. Условите на Венера често се опишуваат како пеколни бидејќи таму дневната температура е доволно висока да стопи олово, а атмосферата речиси целосно се состои од јаглероден диоксид.
Британски експерти користеле телескопи на Хаваите и во чилеанската пустина Атакама за набљудување на горниот слој на облаците на Венера, приближно 60 километри над нејзината површина. Откриле траги на фосфин, запалив гас кој на Земјата често настанува со разградување на органските материи.
Научниците во трудот објавен во списанието „Нејчр астрономи“ истакнуваат дека присутноста на фосфинот не докажува живот на Венера.
Но, поради тоа што облаците на Венера се многу кисели и затоа многу брзо го уништуваат фосфинот, истражувањето покажало дека нешто одново го создава. Заклучиле дека на Венера има „необјаснива хемија“.
Џејн Гривс, главен автор на студијата и професорка на факултетот за физика и астрономија при Универзитетот во Кардиф, истакна дека фосфинот сам по себе не е доказ за живот кај првиот сосед на Земјата.
- Дури и планетата да изобилува со фосфор, можеби ѝ недостига нешто друго важно за живот, некој друг елемент, или условите се претопли или пресуви - истакна таа.
Џејн додаде и дека ова е првпат фосфинот да биде откриен на некоја карпеста планета освен на Земјата.
Алан Дафи, астроном од Кралскиот австралиски институт, пак, истакна дека е привлечно да се заклучи дека фосфинот на Венера го произведуваат облици на живот, но не смее да се исклучи ниеден небиолошки начин за негово настанување.
Откритието го нарече еден од највозбудливите знаци за можна присутност на живот надвор од Земјата кој го видел во својата кариера.
Венера, која се врти во спротивен правец од Земјата и каде што денот е 243 пати подолг, е предмет на интензивно истражување од страна на астрономите. Оваа планета е толку близу и со слична големина како нашата, што некои експерти сметаат дека служи како знак за предупредување што може да се случи при неконтролирани климатски промени.
Извор и насловна фотографија:
tportal