Колибрито речиси се замрзнува додека спие
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Колибрито се смета за една од најхиперактивните видови птици. Тоа ги движи крилјата со неверојатна брзина и лета толку брзо што не може да се забележи на далечина. Меѓутоа, навечер влегува во релаксирачка фаза наречена торпор.
Ново истражување покажува дека кога малите птици влегуваат во оваа фаза на одмор, тие се способни за драматично намалување на нивната телесна температура. Впрочем, под одредени околности, телесната температура им е близу до точката на замрзнување.
Фото: Freepik
Во истражувањето се анализирале колибрија што живеат на Андите. Се открило дека за време на торпор-фазата малите птици ја намалуваат температурата на своите тела за да го забават метаболизмот.
Во истражувањето биле анализирани 24 колибрија од различни видови и речиси сите навечер влегле во торпор-фазата. Оваа фаза траела од 5 до 10 часа, и во тој период, кој наликува на хибернација, некои од птиците ја намалиле телесната температура до само неколку Целзиусови степени над нулата. Според истражувачите, птиците изгледале безживотно во тој период.
Фото: Freepik
- Не би знаеле дали е живо доколку го земете - изјавила Блер Волф, водечки автор на истражувањето.
Таа додава и дека внатрешниот часовник
на птиците бил прецизен бидејќи тие се буделе со изгрејсонцето.
Автор: Мајк Венер
Извор:
bgr.com