Додека се чека реконструкцијата на студентските домови во Скопје, студентите од внатрешноста плаќаат изгор кирии
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Родителите реагираат дека поради негрижа на државата, студентските домови не се реновирани, па тие плаќаат приватни станови по 300 евра месечно за студент. Според надлежните, изборот на изведувачот е во завршна фаза
Сѐ уште не е избрана фирма изведувач која ќе ги реконструира студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје иако од Министерството за образование минатата година за
Факултети.мк најавија дека постапката ќе заврши до крајот на 2022, а градежните зафати ќе започнат во март 2023 година. По пет месеци од терминот кога требаше да започне реконструкцијата, од Државниот студентски дом - Скопје велат дека проектот за избор на изведувач е во завршна фаза и изведени се подготвителните активности за почеток на градежните работи.
Се празнат зградите на „К.Ј. Питу“ и „Стив Наумов“ за да почне реконструкцијата
- Во моментот се празнат зградите на домот „Кузман Јосифовски-Питу“ од инвентар, а инвентарот од зграда 1 и 2 во „Стив Наумов“ е веќе складиран во магацин за да се заштити од надворешни влијанија. Очекуваме наскоро да започнат градежните работи затоа што подготвителните работи се завршени. Проектот е во завршна фаза на тендер за избор на изведувач - соопштија од Државниот студентски дом во Скопје.
Оваа академска година нема да работи студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, чии згради се празнат за реконструкцијата. Студентите ќе можат да се сместат во „Стив Наумов“ - павилјони со капацитет од 138 студенти, зграда 3 со 367 легла, и „Гоце Делчев“, кој беше целосно реновиран во периодот од 2016 до 2019 година и годинава ќе обезбеди сместување за 1.176 студенти. Од „Гоце Делчев“ останува да се реновираат студентската менза, кантината и бифето, кои се дел од претстојниот проект.
Повисоки цени за сместување во домовите, но далеку пониски од приватно сместување
Цената за сместување се движи од 3.645 до 3.945 денари во зависност од објектот во кој престојува студентот. Надлежните велат дека има интерес и сметаат дека домовите ќе работат со полн капацитет. Лани цената беше 3.500 денари, што укажува на одредено поскапување.
Додека студентските домови се подготвуваат за реконструкција во текот на академската година, голем дел од студентите од другите градови што одлучија да студираат во Скопје веќе изнајмија станови. Цените по стан за двајца цимери се движат до 200 до 330 евра во зависност од местоположбата и опременоста на станот. Најбарани се оние во централното градско подрачје, а поевтини се во Аеродром и Карпош.
- Државата располага со студентски домови, а мора да им плаќаме на децата да престојуваат по станови. Кога ќе изнајмете стан, на пример, од 300 евра за двајца студенти, треба да платите една кирија однапред, плус и за септември иако студентите не престојуваат во станот, за газдите да не го издадат на други. Ако на ова се додаде и половина од киријата за Агенцијата за посредување, доаѓа по 450 евра на студент во еден месец. Тоа е премногу во оваа скапотија - реагираат родители од Битола кои годинава имаат бруцоши.
Заминуваат во Словенија, земја на ЕУ, каде што студираат бесплатно
Загрижени се дали ќе успеат да ги покријат трошоците зашто покрај наемнината, имаат и режиски трошоци, храна, превоз, школарина... Токму поради поволните услови - бесплатна школарина и можност за сместување во студентски домови - дел од матурантите од внатрешноста ќе го продолжат образованието на факултетите во Словенија.
- Секако дека ќе имаме трошоци за патување, но успеавме да го сместиме синот во студентски дом кој има добри услови. Животот таму е поскап, но цените во маркетите почнаа да се изедначуваат, ќе има субвенциониран превоз, бонови за храна и слично, а ќе студира во ЕУ - вели битолчанец чиј син годинава ќе биде бруцош во Словенија.
Чекајќи ги европските услови...
И додека дел од студентите заминуваат во странство, кај нас се очекува да почне реновирањето на студентските домови – проект кој се реализира со помош на КФВ Банка, Министерството за образование и наука и Државен студентски дом - Скопје. Опфаќа целосна реконструкција на домовите, со што тие би имале модерни услови, како што посочуваат од ДСД, исти како оние во европските развиени земји. Овој проект опфаќа енергетска ефикасност на објектите, односно покрај фасади и прозорци, ќе бидат инсталирани и фотоволтаични панели кои би ја компензирале потрошувачката на електричната енергија.
- Придобивки од оваа реконструкција ќе имаат и студентските домови и студентите. За студентските домови е битно што ќе се намалат трошоците за режиски трошоци (струја, греење итн.), како и целосното функционирање (модерни студентски мензи со современи апарати за подготвување и чување на храна итн.), а за студентите - тоа што ќе престојуваат во модерни, реновирани домови - додаваат од Државниот студентски дом - Скопје.
фото: приватна архива