Терапија со тројни антитела ветува долготрајна контрола на ХИВ

Терапија со тројни антитела ветува долготрајна контрола на ХИВ

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во студија спроведена на 12 учесници истражувачите од Медицинскиот центар „Бет Израел Диконес“ (БИДМЦ) покажале дека користењето коктел од три широко неутрализирачки антитела успешно го потиснува ХИВ-вирусот кај луѓето што живеат со него. Кај подгрупа на учесници, исто така, се покажала долгорочна контрола на вирусот, неколку месеци откако нивото на антитела се намалило на ниско или незабележливо.

- Нашите податоци покажуваат дека тројниот коктел на антитела може да доведе до виролошка контрола за подолг временски период кај повеќето луѓе што живеат со ХИВ, по прекинот на терапијата АРТ. Врз основа на овие резултати се планираат поголеми студии – истакна коавторот д-р Ден Х. Барух, директор на Центарот за вирусологија и истражување на вакцини при БИДМЦ.

ХИВ останува глобален предизвик за јавното здравје. Во Соединетите Држави повеќе од 1,2 милиони луѓе живеат со ХИВ, со речиси 35.000 нови инфекции пријавени само во 2021 година. Додека АРТ - комбинација на лекови кои обично се земаат секојдневно - го трансформира ХИВ од фатална болест во податлива долгорочна состојба, таа не го елиминира вирусот. Коктелот од антитела тестиран во оваа студија може да понуди алтернатива што ја намалува зависноста од дневните лекови.

За да се проценат безбедноста, подносливоста и антивирусниот ефект на комбинацијата од трите широко неутрализирачки антитела, Барух и неговите колеги одредиле 12 доброволци што живеат со ХИВ за да примаат три месечни инфузии од коктел со тројните антитела, со можност за примање уште три доколку вирусот кај учесниците останува потиснат. Учесниците го прекинале лекувањето со АРТ два дена по нивната прва инфузија со антитела.

Вирусните нивоа на двајца учесници се вратиле уште пред да заврши периодот на дозирање. Десет од 12. учесници (или 83%) одржувале виролошка супресија за време на шестмесечниот период на дозирање со антитела. Од нив, пет покажале вирусно враќање во текот на следните шест месеци, додека пет покажале долгорочна виролошка контрола за времетраењето на студијата.

- Генерално, нашата студија покажа дека три анти-ХИВ антитела со значителна широчина на неутрализација, всушност, можеа да одржат вирусолошка супресија во отсуство на АРТ, барем за време на периодот на дозирање кај мнозинството од учесниците - вели авторот д-р Борис Јуелг, главен истражувач во Институтот „Рагон“ на МИТ и „Харвард“.

 

-Нашите податоци покажуваат дека широко неутрализирачките антитела може да понудат нова стратегија за третман на ХИВ. Во моментов се развиваат верзии со долго дејство на сите три од овие антитела, што најверојатно ќе го олесни развојот на троен коктел од антитела, кој може да се администрира еднаш на секои шест месеци и за терапија и за превенција од ХИВ - заклучува Барух, кој е и професор по медицина при Медицинскиот факултет на „Харвард“.

Извор: medicalxpress.com 

Фото: Freepik