Многу работи се променија во овие 30 години. Профилот на ученикот е променет, профилот на нашиот образовен систем не, вели универзитетскиот професор Кирил Барбареев
Години наназад образовниот систем во Македонија се претставува дека е во постојано движење по нагорна линија, но фактичката состојба на терен е многу поинаква, вели д-р Ламбе Барандовски, претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија и доцент на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таму се одржа втората Меѓународна конференција за образованието по математика, физика и сродни науки, која ја организираа Друштвото на физичарите, институтите за математика и физика при ПМФ и Сојузот на математичарите на Македонија (СММ). За состојбите разговараа повеќе од 250 учесници, најголем дел наставници од основните и средните училишта, но и еминентни универзитетски професори од земјава, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и од Соединетите Американски Држави. Преку предавањата и дискусиите присутните ги забележаа поголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат.
Доц. д-р Ламбе Барандовски
- Потребата за одржување ваква конференција потекнува од фактот што образовните системи во Македонија и во земјите од поблискиот регион се во процес на постојани реформи кои, за жал, не секогаш и не секаде го подобрија целокупниот наставен процес. ДФРМ е стручно-научно здружение основано во 1949 година и годинава работно прославува 70 години постоење и активност со ист ентузијазам и посветеност како и во деновите кога било создадено - вели Барандовски.
Во основа, работата на Друштвото е промоција и популаризација на физиката и на другите природни науки преку стекнување и унапредување на знаењата, способностите и вештините кај учениците, наставниците и граѓаните. Во него членуваат повеќе од 50 универзитетски професори, околу 800 наставници од основните и средните училишта, колеги од други институции, компании и студенти.
Презедовме катастрофално лоши наставни програми
Барандовски е дециден дека години наназад образовниот систем во Македонија се претставува дека е во постојано движење по нагорна линија, во земјата - лулка на сесловенската писменост и земјата во која е изграден првиот Универзитет во Европа – Светиклиментовиот универзитет во 9 век.
- Во 2014 година се имплементираa и наставни програми, наводно создадени од најдобрите експерти во Европа, кои требаше да го доближат образованието во Македонија до образованието на развиените европски држави. Но, фактичката состојба на терен и споредбата на постигнувањата на нашите ученици на меѓународните тестирања и натпревари покажуваат нешто друго. Знаењето на учениците од Македонија не само што не е на рамниште на нивните врсници од Европа и развиените земји од светот, туку е на далеку пониско ниво, за жал, споредливо со постигнувањата на ученици од неразвиените земји на Супсахарска Африка и некои поранешни британски колонии - објаснува Барандовски.
Според него, постојат низа проблеми кои директно преку образованието влијаат врз целокупните општествено-политички движења во земјата. Најголемите меѓу нив се: катастрофално лошата положба на наставниот кадар (во основните, средните и високообразовните институции), континуираното опаѓање на квалитетот на наставата на сите нивоа на образование, причинето од минорните инвестирања на државата во образованието, постојаното намалување на часовите по математика и природни науки во основните и во средните училишта, лошата опременост на училиштата со лаборатории и нагледни средства, носењето и менувањето на наставните програми ад хок, без учество на сите релевантни чинители на образовниот процес, преземањето катастрофално лоши наставни програми по математика и природни науки и нивната лоша имплементација, користење учебници со исклучително лош квалитет и многу други.
Еден од предавачите на конференцијата беше и д-р Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Тој нагласи дека ни е потребен нов педагошки професионализам во нашиот образовен систем.
- Многу работи се променија во овие 30 години. Профилот на ученикот е променет, профилот на нашиот образовен систем не! - вели тој.
Образованието треба да помогне за промените во Европа
Тој се осврна на повеќе аспекти - што се случува денес во светот со образованието, какви се глобалните промени и реформите во оваа област, дали наставникот денес е компетентен и автономен професионалец, носител на воспитно-образовниот процес или е пасивен и осамен реализатор на курикулумот? Барбареев вели дека глобализацијата како еден динамичен економски, политички и културен процес носи со себе целосно нови парадигми во сите општествени процеси, менување на навиките, обичаите, културите, нови вредности и правила. Глобалното образование претпоставува и глобална педагогија која треба да е способна и на теориско и на практично ниво да одговори на предизвикот на времето, да ги задоволи потребите на општеството и поединецот.
Проф. д-р Кирил Барбареев
- Глобализацијата во моментот создава политики во кои сите реформи во образованието во Европа се движат кон достигнување на моделот на образование во САД, а кој се карактеризира со висок степен на конкуренција меѓу училиштата и универзитетите, привлекување приватен капитал и добротворни организации, прецизно изградени степени за контрола и споредливост. Современата педагогија зборува за цели сетови на општи способности како неопходен услов за постигнување на индивидуалните и социјалните остварувања. Во моментот ставовите за вреднувањето во образовната литература се под влијание на психометрискиот концепт. Тој концепт се заснова на верувањето дека во секој поединец постои нешто што се нарекува „способност“ или „постигнување“ за завршена задача и второ - тој ентитет е мерлив на објективна, еднодимензионална скала - објаснува Барбареев.
Според него, образованието денес е референтна точка која треба да помогне за промените во Европа. Но, се отвора прашањето во која мера процесите на мобилност на луѓе и идеи, на униформни системи, на големи миграции и емиграции, креираат нови околности кои на поединецот му ги отежнуваат „растењето“ и квалитетот на живот во сопствената земја, и му создаваат други кризи.
Колку полош наставен кадар, толку полошо образование
- На наставата треба да се гледа како на комплексен феномен, полн со предизвици, што бара високи стандарди на професионална компетентност и посветеност. Во 2007 година корпорацијата „Мекензи“ објави извештај кој многу силно и влијателно ја нагласува главната улога на наставникот во најуспешните образовни системи во светот. Извештајот тврди дека во текот на три години учењето со висококвалитетен наставник може да доведе до разлика од 53% во постигнувањата на ученикот. Извештајот завршува со заклучок дека квалитетот на еден образовен систем не може да го надмине квалитетот на неговите наставници - дециден е Барбареев.
Доц. д-р Анета Гацовска-Барандовска
Според д-р Анета Гацовска-Барандовска, доцент на Институтот за математика при ПМФ - Скопје, мора да се сетиме дека во изминатите години имаше повеќе проблеми отколку добри ефекти.
- Мора јасно да кажеме дека образовните политики треба да појдат од основата. Проблемите со кои се соочуваат универзитетските професори се однесуваат првенствено на квалитетот на студентите со кои работат. Колку и да вложувате труд, неопходно е да имате студенти со солидно базично знаење, од соодветни средни училишта, со мотив и желба да се надградуваат. Ако базата е несоодветна, прашање е колку високо можете да ја изградите пирамидата на математичко знаење. И да не заборавиме, неопходни се добри наставници за да имаме добри инженери, програмери, статистичари, аналитичари на податоци, луѓе кои проценуваат ризик во финансиски институции и друго. Колку полош наставен кадар, толку полошо образование и толку понеспремни идни генерации нè чекаат - вели Гацовска-Барандовска.
Лани на ПМФ се одржа првата ваква конференција од која произлегоа низа заклучоци кои потоа беа испратени до сите релевантни чинители на образовниот процес во Македонија. И годинава заклучоците од конференцијата ќе бидат испратени до Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар и Фондот за иновации и технолошки развој.