Научниците тврдат дека ова е најздравата исхрана во светот

Научниците тврдат дека ова е најздравата исхрана во светот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Доколку сакате да ја зголемите енергијата, а не сте подготвени целосно да се откажете од нездравата храна, веројатно веќе знаете дека не е лесно да се најде совршениот режим на исхрана. На интернет има разни совети кои често се контрадикторни. Едни експерти велат дека маснотиите убиваат, а други тврдат дека шеќерот треба да биде вашиот главен непријател. Звучи примамливо да ги игнорирате сите овие совети, особено оние што се спротивставени.

Но, истражувачите велат дека науката знае нешто дефинитивно за здравата исхрана. Кардиологот Џејмс Окиф, кој е еден од авторите на истражувањето, открива дека науката веројатно знае која е најздравата исхрана. Она што е интересно е тоа што веројатно вашата баба била во право. Најздравата исхрана не се состои од екстремни планови кои вклучуваат елиминирање на цели категории бидејќи луѓето различно реагираат на овие режими и затоа тешко се придржуваат на нив.


Фото: Pixabay

Според доказите, најздравата исхрана треба да го има токму она што го очекувате - многу цели зрна, зеленчук, мешунки и риба, а малку преработена храна и црвено месо. Оваа исхрана се нарекува песко-медитеранска диета. Подетално, истражувачите велат дека во исхраната треба да има храна од растително потекло, што претставува нејзина основа, како и масни риби и други видови морска храна, покрај маслиновото масло. Во исхраната се дозволени умерени количини млечни производи, живина и јајца, а црвеното месо треба да се јаде ретко или да се одбегнува.

Кога станува збор за алкохолот, прифатливо е ниско или умерено количество, по можност црвено вино, но повеќе се препорачуваат вода, кафе и чај.

Вториот столб на најздравата исхрана во светот се состои и од таканаречено привремено постење, односно се препорачува јадење во период од 8 до 12 часа во денот. Окиф објаснува дека ваквата исхрана го намалува внесувањето на калориите и ги контролира хормоните и воспаленијата, а постојат научни докази дека позитивно влијае и врз кардиоваскуларното здравје, спречува деменција и дијабетес и помага во одржувањето  здрава тежина.

Автор: Џесика Стилман
Извор: inc.com