Научници развиваат безболна ласерска вакцина
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Холандски научници работат на развој на ласерска технологија што може да резултира со речиси безболно примање на вакцина без игла, а својот досегашен успех го гледаат како напредок што ќе го ублажи стравот од игли кај некои пациенти и ќе придонесе за поголем број вакцинирани луѓе.
Уредот користи ласер што турка мали капки низ надворешниот слој на кожата, објаснува Дејвид Фернандез Ривас, професор на Универзитетот „Твенте“ и асистент за истражување на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ), кој ја осмислил и развил идејата.
- Процедурата е побрза од убод на комарец и не треба да боли бидејќи нервните завршетоци на кожата не се допираат едни со други - вели Ривас и додава дека постапката дополнително ќе се проучува.
- Стаклото во кое се наоѓа течноста се загрева со ласер во милисекунди, а потоа се создава меур кој ја турка течноста низ надворешниот слој на кожата со брзина од најмалку 100 километри на час - објаснува Ривас.
- Таквата постапка овозможува да се внесе течност преку кожата без никакви оштетувања или лузни. Не се гледаат рани или влезни места - вели Ривас, додавајќи дека очекува неговиот пронајдок да помогне повеќе луѓе да се одлучат за вакцинација, истовремено спречувајќи го ризикот од контаминација што може да настане поради нечисти игли. И на крај, но не и најмалку важно, неговиот изум ќе помогне да се намали медицинскиот отпад.
Тестирањето на примероците од ткивата било успешно извршено благодарение на грантот од 1,5 милион евра од Европската Унија, а компанијата ќе аплицира за финансирање за да започне со тестирање на новиот уред на доброволци овој месец, вели Ривас.
Исто така, тој рече дека новата компанија ќе работи со претставници на фармацевтската индустрија за да ја тестира и пласира технологијата. Но, до моментот кога методот ќе стане достапен за пошироката јавност, може да помине од една година до три години, во зависност од напредокот на истражувањето и регулаторните прашања.
Извор:
Nypost.com
Фото: Screenshot/YouTube