Мерките против ширењето на коронавирусот ќе предизвикаат големи епидемии на грип и други заразни болести
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Научниците од Универзитетот „Принстон“ предупредуваат дека здравствените системи мора да се подготват за цела низа респираторни инфекции по укинувањето на изолациите и правилата за физичко дистанцирање.
Истражувачите од „Принстон“ откриваат дека мерките за ограничување на ширењето на Ковид-19 имаат нуспојава - пад на трансмисијата на респираторните болести за најмалку 20 отсто. Тврдат дека населението станува почувствително на болести - значителни испади може да се очекуваат во следните години, а врвот би можел да биде достигнат следната зима, се наведува во труд објавен во списанието ПНАС.
Истражувачите известуваат дека нефармацевтските интервенции против Ковид-19, како што се одржување дистанца, затворање на училиштата, ограничување на патувањата и употреба на маски на јавните простори, веројатно го намалиле преносот на другите респираторни инфекции во циркулацијата, како сезонскиот грип и респираторниот синцициски вирус (RSV), притоа зголемувајќи го уделот на населението чувствително на тие инфекции.
Епидемиолошките модели сугерираат дека зголемената чувствителност би можела да доведе до големи епидемии на грип и RSV по укинувањето на нефармацевтските интервенции. А за таков исход здравствените системи ќе треба добро да се подготват, сметаат авторите.
Табелата прикажува како се намалувал бројот на случаи на RSV и грип од март 2020
Фото: Tportal
Многу ендемски, непосредно пренесени респираторни инфекции покажуваат различни сезонски и долгорочни циклуси на зачестеност. Така, врз сезонското појавување на некои болести влијае климата, додека други, како што се сипаниците, повеќе се јавуваат во време кога децата одат на училиште. Кампањите за вакцинирање, падот на наталитетот, миграциите и раселувањето на населението - сето тоа ги менува обрасците на ширење на инфекциите. Некои податоци за пандемијата на грип од 1918 година посочуваат дека нефармацевтските интервенции го намалиле преносот на сипаници за 38 отсто.
Епидемиите на сезонски грип на повисоките географски ширини главно се предизвикани од климатските промени. Иако постојат некои докази за колективен имунитет, сложените интеракции на наизменични подвидови и антигени ги одредуваат разликите во чувствителноста од година на година и тоа влијае врз големината на избивањето.
RSV, пак, предизвикува инфекции на долните дишни патишта кај новороденчињата и глобално е главна причина за речиси 5 отсто од смртните случаи на деца помали од пет години - вакцина за оваа болест моментално не постои. Како и грипот, така и RSV се појавува најчесто во текот на зимата, во услови на студена и сува клима. Истражувачите откриваат дека мерките за ограничување на ширењето на новиот коронавирус веќе почнуваат да влијаат врз преносот на други директно пренесени, ендемски болести.
Резултатите од истражувањата на научниците од „Принстон“ посочуваат на големи избивања на заразни болести во следните години. Зајакнатиот надзор, серолошките испитувања и локалните моделирања ќе помогнат да се одредат идната динамика и ризикот од овие инфекции, заклучуваат авторите.
Автор: Младен Смрекар
Извор:
Tportal
Насловна фотографија: Pixabay