НАЈГОЛЕМИТЕ КУЛТУРНИ БОГАТСТВА НА МАКЕДОНИЈА: Товарени на коњи и во вагони, старите ракописи заминале од Македонија - втор дел

НАЈГОЛЕМИТЕ КУЛТУРНИ БОГАТСТВА НА МАКЕДОНИЈА: Товарени на коњи и во вагони, старите ракописи заминале од Македонија - втор дел

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога ги собрал ракописите, Виктор Григорович дошол со придружба. Имал пари, чувари, ги товарел ракописите на коњи. И ги однел во Русија. Дел од неговата ракописна збирка денес се чува во Руската државна библиотека во Москва. Има околу 60 ракописи. Останатите шеесетина ги подарил на библиотеката на новооснованиот Универзитет во Одеса - Новорусиски универзитет, каде што го примиле за професор



Виктор Григорович, рускиот славист кој почнал да ги изнесува ракописите / Фото: Википедија

Таа година „Њујорк ивнинг мирор“ првпат ja објави „Гавранот“, која на Едгар Алан По му донесе светска слава. Соединетите Американски Држави го анектираа Тексас, пијан посетител влезе во Британскиот музеј и ја скрши познатата црна Портланд ваза украсена со камеи, создадена во времето кога Исус Христос чекорел по земјава, а една жена првпат роди дете без болки. Доби анестезија. Таа година во Македонија дојде Виктор Григорович. Беше 1845. Тргна кон светата планина на Атос, па продолжи во овие краишта. Имаше зошто. Тука најде зборови напишани многу одамна, зборови вредни, зборови напишани на сушена кожа од неродени јагниња, зборови кои ги кажале волшебни, свети луѓе, зборови кои го сочувале јазикот наш насушен. И јазикот на многу други народи.



Академик Ѓорги Поп-Атанасов

Старите ракописи биле причината поради која рускиот славист Григорович првпат дошол во Македонија. Тој е директно поврзан со судбината на нашето ракописно наследство, од кое денес во Република Македонија останале само трошки. Ја продолжуваме приказната што ја раскажува најголемиот познавач на старото ракописно наследство на Македонија, академик Ѓорги Поп-Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи. Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија за науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија.

Бил образован човек, знаел што зема

- Григорович отишол на Света Гора и поминал низ Македонија, одел по манастирите и во Охрид, во соборната црква „Св. Богородица Перивлепта“. Бидејќи бил учен, образован човек, знаел што зема. Зел само стари ракописи. Од Света Гора го зел Мариинското евангелие. Тоа е глаголски ракопис, многу значаен и важен. Во Охрид го зел Охридскиот апостол од 11 и 12 век. И во него има цели пасуси на глаголица. Тој зел важни ракописи. Или пишувани со глаголица, или многу стари, или ракописи во кои има некое значајно литературно дело. Ако видел нешто од св. Климент, препис од слово или нешто слично, ги собирал тие ракописи – раскажува Поп-Атанасов.



Страница од Мариинското евангелие, од 10-11 век кое потекнува од Македонија / Фото: Википедија, извор, фотографски принт од Ватрослав Јагиќ во 1883 г.

Тој ја продолжува приказната. Кога дошол Григорович, тој собрал доста ракописи и ги однел во Русија.
- Турско време било, на Турците не им било гајле дали некој доаѓа да зема книги? Па со тие стари книги напишани на пергамент нашите монаси по манастирите си ги потпалувале печките или ги крпеле скршените прозорци, каде што немало стакло. Кога Григорович отишол во Слепче, кој бил најбогатиот манастир, со најбогата ракописна збирка, тие му рекле: „Оди во собата над коњушницата, има многу стари книги, што сакаш земи си“. Кога влегол, таму нашол купишта книги, некои распаднати, листови расфрлени на сите страни – објаснува Поп-Атанасов.



Слепченски манастир, Демирхисарско / Фото: Википедија, автор: Антонио Брсјачки

Сепак, додава тој, изгледа не давале сè така лесно, па Григорович успеал да земе само шест листа од Слепчeнскиот апостол, еден од најстарите ракописи-апостоли воопшто. Кога ги собрал ракописите, дошол со придружба. Имал пари, чувари, ги товарел ракописите на коњи. И ги однел во Русија. Дел од неговата ракописна збирка денес се чува во Руската државна библиотека во Москва. Има околу 60 ракописи. Останатите шеесетина ги подарил на библиотеката на новооснованиот Универзитет во Одеса - Новорусиски универзитет, каде што го примиле за професор. Претходно бил професор на Казанскиот универзитет. Двата дела од таа збирка се во Москва и во Одеса. Во тоа време Григорович објавил дека во Македонија нашол ракописи, и тоа го објавил во книгата „За патешествијата во европската Турција“, каде што напишал каде бил, што видел...

Пријателството на Верковиќ и Сарафов


Кога луѓето прочитале, сфатиле дека во Македонија има богатство од ракописи.
- Во Македонија дошол Стефан Верковиќ, босански Хрват, но бил испратен од владата во Белград. Тој дошол во Македонија по 1850 година. Отишол во Серес и таму отворил антикварница и почнал да собира ракописи. Имал соработници од Дебарско, од разни места во Македонија. Кога прочитал кај Григорович дека има толку многу ракописи во Слепче, прво таму отишол (најмногу од ракописите од збирката на Верковиќ, главнината, биле од Слепче). Нешто откупувал, нешто менувал за печатени книги. Ќе им дадел печатено евангелие, нова книга, што изгледа убаво, а тие ќе му врателе со стар ракопис – вели Поп-Атанасов.



Стефан Верковиќ, кој ја направил втората „чистка“ / Фото: Википедија

Голем дел од збирката на Верковиќ денес е во Хрватската академија на науките и уметностите, а еден дел во Санкт Петербург, во Руската национална библиотека. Во неговата збирка имало околу 100 ракописи, претежно цели кодекси. Меѓу нив е Орбелски триод од 13 век (цел кодекс). Интересна е судбината на збирката ракописи од Македонија што ги зел Верковиќ. Бидејќи живеел во Серес, се спријателил со Петар Сарафов (таткото на Борис Сарафов), кој бил учител во градот.
- Верковиќ му оставил на Сарафов 37 ракописи за да ги чува. Дел ги оставил во ХАЗУ (во тоа време ЈАЗУ), а со дел отишол во Русија, во Санкт Петербург и 15 години се обидувал да ги продаде. Се разболел, се вратил во Софија и таму починал. Следната година Петар Сарафов заминал за Русија и ја продал збирката од 37 ракописи на Руската национална библиотека, каде што и денес се чуваат – раскажува Поп-Атанасов.

Голем дел завршиле во Русија и во Украина

По Верковиќ во Македонија доаѓале и други. Александар Гилфердинг во 1868 година поминал низ Македонија и собрал повеќе ракописи од Григорович. Имал средства и купувал. Во еден период бил дипломат во Сараево. Кога се вратил во Русија, најголем дел од своите збирки Гилфердинг му ги продал на Алексеј Хлудов. Тој бил мецена, богат трговец. Имал пари и откупувал ракописи. Тие денес се чуваат во Државниот историски музеј во Москва, во збирката на Алексеј Хлудов. Дел има и во Санкт Петербург – тие што ги собрал Александар Гилфердинг.

- Најзначајните ракописи од Македонија и голем дел од нив денес се чуваат во Русија и во Украина, но најмногу во Руската национална библиотека во Москва, Државниот историски музеј во Москва, во Руската национална библиотека во Санкт Петербург – објаснува тој.


Бугарија ни денес не дозволува увид во македонските ракописи


Академик Поп-Атанасов е автор на проектот: „Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки“. Тој идентификувал археографски опис на 814 ракописи што потекнуваат од Македонија, а настанале од 10 до 19 век. Сите денес се наоѓаат во странство.
- Но, мислам дека има трипати повеќе. Оние во Русија се најзначајните, но најмногу има во Бугарија, во Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија. Кога Бугарите формирале држава и кога Јордан Иванов одел низ Македонија, поминувал секаде каде што имало регистрирано ракописи. Постоела и бугарската егзархија, која веднаш сигнализирала преку своето свештенство, монаштво. Собирале сè и носеле со себе. Егзархијата е формирана во 1870 година. Во 1878 година, кога се формира држава, тие веќе организирано собираат од Македонија и носат во Бугарија. Така збирката во Бугарската академија на науките, 95 отсто е македонска збирка, сите ракописи се македонски. Ако има десетина бугарски, од 17 до 19 век, препишани од руска печатена книга. А значајното, битното, тоа е сè македонско. Но, не даваат да ги погледнеме ниту со двоглед, од далеку. Ние им даваме од нашиот архив сè што им треба, сè што бараат. Наши службеници по цел месец снимаат, прават сè за нив. Сме барале многупати да ги видиме старите ракописи, но тие не дозволуваат – дециден е Поп-Атанасов.



Јордан Иванов / Фото: Википедија, извор: Бугарска државна агенција „Архиви“

Пред две-три години имало иницијатива да се направи нешто на темата стари ракописи, во рамките на соработката меѓу БАН и МАНУ. Од старана на Бугарија била ангажирана Славија Брлиева, која предложила темата на заедничкиот проект да биде „Ракописите на охридските книгохранилишта“.
- Одговорив дека темата е одлична, само треба треба мали измени: „Ракописите на охридските книгохранилишта во минатото и денес“. Зашто во минатото ракописите што биле во Охрид сега се во БАН! А според една клаузула од тој договор за соработка стои дека Архивот на БАН ќе биде отворен за проекти што се прифатени. Ние одговоривме дека сакаме да го работиме проектот, со малку адаптиран наслов, десет пати испративме допис, оттаму – молк. Сопреа, до тука беше. Каква е таа соработка, така како што им одговара ним. Нешто што е нивни интерес, а не наш. Нема реципроцитет, само еднострано. И ден-денес таква е политиката, нема ништо македонско, ние не сме Македонци, за нив сме нешто друго. Нашиот јазик не е македонски, туку дијалект на нивниот јазик. Тие нема шанса да го променат тој став – револтирано објаснува Поп-Атанасов.

Изгубивме или добивме?

Колку од своето пишано наследство изгубила Македонија во изминатите 170 години. Академик Поп-Атанасов вели дека многу изгубила, но можеби и добила, затоа што ракописите се сочувале.



Аргиров триод, 13 век / Фото: Википедија, извор: Национална библиотека „Св. Кирил и Методиј“, Софија

- Ние не сме држава која не води грижа за овие работи. Некои ракописи, земени на незаконски начин, за време на војни, окупации, можеме да си ги бараме назад, според одредени конвенции на УНЕСКО – вели тој.
Српската православна црква си ги вратила сите ракописи одземени за време на Втората светска војна од НДХ (Независна Држава Хрватска). Сè што било однесено во Хрватска се вратило по судски пат и денес е сопственост на црквата.
За време на српската окупација и на Втората светска војна тука бил Радослав Грујиќ. Тој бил декан на Филозофскиот факултет, претседател на Скопското научно друштво, главен уредник на „Гласник скопског научносг друштва“, бил директор на Музеј Јужне Србије до 1937 година кога е избран за професор на Богословскиот факултет во Белград и отишол таму. - Во тој период е собрана многу богата збирка од стари ракописи. Биле во Музејот, па кога Грујиќ си заминал, сите ракописи ги товарил во вагони и си ги однел во Белград, како лична сопственост. Не само ракописи, туку и икони. Сега таа збирка е во Музејот на СПЦ, се вика Грујиќева збирка и има околу 300 ракописи. Меѓу нив е Кичевски октоих од 13 век, најден во селото Премка, Кичевско, и содржи две литературни дела на св. Климент Охридски. Го пронашол Тома Смиљковиќ-Брадина. Има запис, сум го објавил, кој вели дека го нашол ракописот во портата на црквата „Св. Атанасија“ во селото Премка, Кичевско „и го дадов во скопскиот музеј, како трага на духовната култура, 1926 година“. Тоа е пергаментен ракопис, најстар октоих кој се чува на тлото на бивша Југославија. Беше тука изложен, има запис дека е сопственост на скопскиот музеј – раскажува Поп-Атанасов.

На прашањето дали некогаш наследникот на Музејот покренал иницијатива да се врати ракописот, заедно со збирката што Грујиќ ја однел во Белград, Поп-Атанасов вели: - Сакавме да покренеме постапка за ракописите земени за време на туѓа окупација, војни, имаме документи. Музејот во Охрид има позајмица од Софискиот музеј. Зеле ракописи за привремено проучување за време на Втората светска војна и не ги вратиле. Но, во поранешна Југославија не можеше да се замисли оттука да се бара нешто од централата, иако биле земени на незаконски начин. Никој не се осмелуваше – се сеќава Поп-Атанасов.

Извор сме на словенската писменост, ама не ни е грижа

Академикот вели дека сите се грижат за своето ракописно книжевно наследство. Единствено Македонија не се грижи.



Манастир „Св. Наум“, Охридско Езеро / Фото: Википедија

- Ние сме изворот на словенската писменост. Од Охридската книжевна школа настанале најстарите ракописи, глаголските, сите се од Охрид. Сè потекнува оттука, тука е спасена словенската писменост, оттука се шири и стига дури до Русија. Еден Русин вели: „Охридската архиепископија е столб на православна Русија“. Ние тоа целосно сме го запоставиле. Ние сме единствената држава на Балканот што во својата Национална библиотека нема Одделение за ракописни книги. Иста е ситуацијата и со Архивот. Во нашата Национална и универзитетска библиотека нема археографско одделение. Направив елаборат како да се оформи археографско одделение при НУБ. Одев и кај претходната министерка, на зборови сè е добро, на крајот ништо. Не се грижиме. Велам дека треба да извршиме дигитална реституција на македонското книжевно наследство што се чува во странство. Нема слух. Дадоа толку пари за реставрација, Македонија ја прекопаа за археолошки работи, се обновија конаци, манастири, но за книжевното наследство... Една прашинка од тоа што се дава за културата да се даде за ракописите, ние постепено сите ќе ги вратиме во дигитална форма во Македонија. Па наместо еден научник-истражувач да оди во Санкт Петербург, да патува со авиони, да троши пари за хотели, ќе си седи во кабинет, ќе го гледа оригиналот, кој згора на сè ќе може и да го зголеми – завршува академик Поп-Атанасов.


„Најголемите културни богатства на Македонија“ е серијал во чии рамки еднаш месечно Факултети.мк ќе објавува приказни за археолошкото и останатото културно наследство откриено во земјава. Ќе бидат опфатени и движни и недвижни наоди. Најголем дел од нив се денес изложени во нашите музеи, но има и многу експонати во музеите во странство. Експертите велат дека е фрапантна црната бројка на културното наследство нелегално изнесено од Република Македонија.