Кога Елцин му предложил на Путин да биде претседател, тој не сакал да прифати
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не сакал да биде претседател кога тоа му било предложено од страна на првиот претседател на Руската Федерација, Борис Елцин. Како што истакна Путин, тој не бил подготвен.
- Не ја избрав професијата претседател. Кога првиот претседател на Русија, Борис Николаевич Елцин, ме повика и ми рече: „Сакам да ја претставам вашата кандидатура во Државната дума за да бидете премиер, а потоа ќе ви понудам да одите на претседателски избори. Дали се согласувате?“, реков „не“ - истакна Путин.
Тој истакна дека кога Елцин го слушнал одговорот, многу се зачудил и заинтересирал. Го прашал зошто не сака.
- Јас му реков: „Борис Николаевич, не сум подготвен“. А веќе бев големо момче и веќе долго работев во разни државни структури на власта - раскажа Путин на отворен час во рамките на Рускиот форум за професионална навигација „Проекторија“ во Јарослављ.
Во обраќањето пред учениците тој им порача дека сака тие да бидат подготвени што порано да носат важни одлуки во животот.
Путин во 1975 година дипломирал на Правниот факултет на универзитет во Ленинград. Истата година се приклучил во КГБ и бил подложен на обука од една година во 401. училиште во Охта, Ленинград.
Спроти новата 2000 година Елцин му понудил на Путин да биде вршител на должноста претседател. На 31 декември 1999 година Путин станал в.д. претседател на Руската Федерација, а на 26 март 2000 година е избран за претседател.