Уметнички дела за култните места во Скопје - диско „Турист“ и кино „Карпош“
Две нови уметнички акции беа спроведени денеска во Скопје, на улицата „Македонија“ пред култното диско „Турист“ и во Дебар Маало на местото на поранешно кино „Карпош“.
- Ако поминевте одовде некоја вечер во осумдесеттите, ќе ве дочекаше редицата за влез во диското „Турист“. Уште пред стемнување, пред двокрилната врата на еден од првите диско-клубови во Скопје се формираше редица од млади желни за дружење, забава и најнова домашна и странска музика - се вели во една од придружните приказни на уметничко-просторната инсталација на Ѓорѓе Јовановиќ.
На лoкацијата на поранешното кино „Карпош“ е поставено дело од младиот уметник Андреј Миневски.
- Од киносалите филмот излегуваше на скопските улици. Скопјани со себе изнесуваа засилени убедувања, поголеми очекувања од животот, мода, фризури, фраерски финти, па дури и тарзанските вратоломии на Џони Вајсмилер, кои мангупите ги практикуваа на скопските плажи, или најновата кунг фу техника на Брус Ли или суровата сила на Бад Спенсер, која младите ентузијасти ја практикуваа веднаш по излезот од киното - раскажува приказната.
Двете дела се поставени во рамките на проектот „Урбани топоними – акции наменети за зачувување на спомените на градот“ на Центарот за современи уметности Скопје и Општина Центар.