Земјите со најдолговечни жители во Европа - како се рангирани Македонците?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Просечниот животен век варира од земја до земја, дури и доколку се анализира само Европа. Така, една жителка на Шпанија може да очекува да живее над 16 години повеќе од еден жител во Летонија, доколку ѝ веруваме на статистиката.
Во Европската Унија просечниот животен век изнесува 81 година. Тој е највисок во Швајцарија - 83,8 години, а најнизок во Бугарија - 75 години. Во Македонија просечниот животен век изнесува 76,7 години, според податоците од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Што игра улога во животниот век?
Исхраната е голем фактор. Долгиот живот почесто е карактеристика на места на кои е популарна медитеранската исхрана, како Шпанија, Италија и Кипар. Повеќе научни
истражувања ги докажале придобивките на оваа исхрана богата со зеленчук, овошје, јаткасти плодови, маслиново масло и риба, а која вклучува само малку месо и млечни производи. Кардиоваскуларните заболувања се почести во Источна Европа, во балтичките земји и на Балканот.
Улога во долговечноста игра и здравството. Швајцарците и жителите на скандинавските земји трошат три до четири пати повеќе пари на здравствените услуги отколку луѓето во Источна Европа.
Други фактори што влијаат врз животниот век се и животниот стил, проблемите со животната средина и генетиката. Во секоја земја во Европа жените живеат значително подолго од мажите, а разликата помеѓу половите е најголема во балтичките земји. Најмала е во Холандија.
Сепак, долгиот живот не значи секогаш и здрава старост, како што покажуваат податоците. На пример, мажите и жените во Бугарија се здрави и активни подолго од Португалците, иако имаат пократок просечен животен век.
Податоците што се анализирани се пред пандемијата на Ковид-19. До 2018 година просечниот животен век во Европската Унија растел, иако побавно во последните години.
Автор: Алекс Торнтон
Извор:
weforum.org