Теодора Мазнева е првенец на Фармацевтскиот факултет со просек 9,81: „Улогата на фармацевтот кај нас е занемарена иако е клучен во давањето здравствени совети и едукација“
Вложениот труд, љубовта и љубопитноста за стекнување нови знаења се заслужни за успехот, а оценките никогаш не ми биле приоритет, вели Теодора Мазнева, првенец на генерација на Фармацевтскиот факултет
Теодора Мазнева од Фармацевтскиот факултет, која има просек 9,81 и е избрана за првенец на факултетот, е добитник на еднократна парична награда од 1.200 евра од Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Таа вели дека вложениот труд и континуираната посветеност во текот на студиите придонесоа за ваквиот успех и признание.
Шеснаесетта година по ред Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. За новата академска година се доделуваат 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. И оваа година Фондацијата додели еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација на двата факултета.
Студиите по фармација бараат голема пожртвуваност
Љубовта и интересот за природните науки, особено хемијата, во комбинација со хуманиот аспект на фармацевтската професија беа пресудни при изборот на нејзината професионална определба.
- Студирањето ми беше исполнето со многу предизвици, особено за време на пандемијата на ковид-19 кога целокупната настава се одвиваше онлајн, што беше ограничувачко за практичниот дел, кој пак е основа на студиите по фармација. Од друга страна, се соочив со големи предизвици на приватен план, кои ја ставија на тест мојата издржливост и способност да се справам со секојдневните проблеми. Сепак, секоја препрека ми беше мотив плус да продолжам понатаму со уште поголем ентузијазам. Вложениот труд, љубовта и љубопитноста за стекнување нови знаења се заслужни за успехот, а оценките никогаш не ми беа приоритет - вели Теодора.
Нејзиниот успех е резултат на континуирана посветеност, истрајност и силен фокус на целите.
- Студиите по фармација бараат голема пожртвуваност, честопати кратење од слободното време, дружбите и излегувањата, како и интензивни подготовки на испити за време на празниците. Фармацевтска технологија, биофармација, аналитика на лекови и легислатива, како и клиничка фармација и терапевтици се предмети кои кај мене побудија најголем интерес. На Институтот за фармацевтска технологија имав можност да работам на дизајнирање и карактеризација на наночестички со лек под менторство на проф. д-р Катерина Горачинова, а резултатите од проектот беа презентирани на 7. Конгрес на фармацијата во Македонија, каде што ја освоив наградата за најдобра постер-презентација. Воедно, бев демонстратор на Институтот за фармацевтска хемија, што ми овозможи да ги проширам знаењата од областа на биомолекуларните науки со поддршка од проф. д-р Александар Димовски, како и да придонесам во едукацијата на колегите студенти - ни сподели Теодора Мазнева.
Фармацевтите се најдостапните здравствени работници
Она што најмногу ја влече и област каде што смета дека може да придонесе е фармацевтска технологија и фармацевтска регулатива. Таа сега работи за реномирана, странска фармацевтска компанија во регулаторниот сектор, каде што секојдневно придонесува за навремен пристап и достапност на квалитетни, безбедни и ефикасни лекови, наменети за пациенти кои се соочуваат со специфични заболувања. Во иднина би сакала да ги продлабочи своите знаења и вештини на постдипломски студии.
На прашањето какви промени би сакала да иницира во фармацевтската индустрија, вели:
- Фармацевтите се најдостапните здравствени работници во здравствениот систем кои високопрофесионално, одговорно и неуморно работат на зачувување и унапредување на човековото здравје. Сметам дека улогата на фармацевтот во нашето општество е занемарена, иако за време на пандемијата токму фармацевтите беа клучни во обезбедување терапија, давање здравствени совети, едукација, но и поддршка во одржување на менталната благосостојба. Отворена сум за соработка со сите учесници во фармацевтскиот сектор што ќе ги препознаат моите квалитети и амбиции. На крај, сакам да изразам голема благодарност до моите родители, професори и асистенти, колеги и пријатели кои несебично ме поддржуваа и дополнително ме мотивираа низ годините - истакна Теодора.
Фото: приватна архива