Запознајте ја Васка Бојаџи, девојката која ги решава студентските проблеми

Запознајте ја Васка Бојаџи, девојката која ги решава студентските проблеми

Подготвил: Драгана Петрушевска

Актуелниот студентски првобранител на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е, всушност, студентска правобранителка. Запознајте ја Васка Бојаџи, девојката на која треба да ѝ се обратите доколку сметате дека сте обесправени за време на студиите на УКИМ. Васка има и неколку новости за читателите, како нова веб-страница на Студентскиот првобранител на УКИМ. Во продолжение прочитајте поопширно за нејзината работа и нејзините предизвици како студентски првобранител. 


Факултети.мк: Може да кажеме дека значаен дел од студентите не се запознаени со сопствените права и обврски. Како може да научат повеќе за своите студентски права?


Васка Бојаџи: Од моето досегашно искуство слободно можам да кажам дека најголем дел од проблемите со кои се соочуваат студентите во текот на студиите произлегуваат токму од несоодветниот степен на информираност за правилата на студирање, како за и основните права и обврски. Тргнувајќи од прашањата кои ми беа најчесто поставувани во текот на мандатот, како и мојот впечаток дека студентите тешко се снаоѓаат со комплицираните правни текстови, во рамките на новосоздадената веб-страница на Студентскиот правобранител, подготвив и посебен дел посветен на студентските права и обврски. Во овој дел на сумарен начин, и со едноставен јазичен стил се образложени најзначајните аспекти од студиите со кои треба да биде запознаен секој студент. Од начинот на стекнување и губење на статусот на студент, правилата за проверка на знаењето, можностите за комисиско полагање, до условите за ослободување од плаќање на партиципација, во овој дел студентите можат да најдат исклучитено корисни информации.

Покрај веб-страницата на Студентскиот правобранител, студентите можат да се информираат за своите права и обврски од соодветните правни акти (Законот за високото образование, Статутот на Универзитетот, Правилниците за студирање и Етичкиот кодекс на Универзитетот). За сите нејаснотии кои ги имаат студентите им стојат на располагање и службата на студетнски прашања, секретарот на факултетот, и секако можат да се обратат до мене како Студентски правобранител.

Факултети.мк: Кои се главните задачи на Студентскиот правобранител?

Васка Бојаџи: Студентскиот правобранител е орган чија основна задача е да обезбеди ефективна заштита на правата на студентите кои им се гарантирани со законските акти, актите на Универзитетот и факултетите, во случај кога нивната повреда е извршена од страна на органите на Универзитетот, факултетите или пак од страна на други лица вклучени во наставно-образовниот процес. По секое поднесено барање за постапување Студентскиот правобранител остварува средби со сите засегнати страни, врши увид во документите на студентот и презема други дејствија со цел утврдување на фактичката состојба. Доколку се констатира дека навистина постои повреда на правата на студентот, Студентски правобранител има овластување до управата на соодветниот факултет да поднесe извештај, со укажување на настанатата повреда на правата на студентот и да даде насоки/препораки за дејствијата кои треба да бидат преземени со цел отстанување на повредата. Факултетите се обврзани во определениот рок да достават информација за преземените дејствија.

Покрај тоа, Студентскиот правобранител има и информативна и едукативна улога во полето на студентските права, а им стои на располагање на студентите и кога имаат потреба од советодавно мислење, или пак доколку имаат прашања поврзани со правилата на студирање.

Факултети.мк: Кои биле твоите најголеми предизвици досега?

Васка Бојаџи: Да се биде Студентски правобранител на најреномириот универзитет во државата е секако огромна чест и привилегија, но пред се е сериозна одговорност! Континуираната работа и заложба за заштита на студентските права носи бројни предизвици, за чие успешно надминување е неопходно да се поседува широк корпус на знаења и вештини. Правилното толкување на правните норми, координирањето на работата на замениците студентски правобранители, организирањето на разновидни настани со цел запознавање на студентите со оваа институција, се само дел од моето секојдневие.

Сепак, според мене најголемиот предизвик произлегува токму од специфичноста на функцијата студентски правобранител. Како и народниот, така и студентскиот правобранител располага единствено со инструменти кои спаѓаат во групата на „меко право“, односно нема можност за нивно присилно извршување. Сепак, во практиката досега не се случило надлежните да не постапат по укажувањата, што се должи пред се на високиот углед и довербата која оваа институција и нејзините носители ја уживаат во академската заедница. Градењето на сопствениот углед, авторитет и личен интегритет претставува пак долготраен процес на лично и професионално надоградување и усовршување.


Факултети.мк: Како студентите може да ја побараат твојата помош и за какви проблеми и ситуации?

Васка Бојаџи: Студентите можат да се обратат до Студентскиот правобранител преку официјаланата е-маил адреса st_pravobranitel@ukim.edu.mk, на телефонскиот број 072 30 20 20, или пак преку остварување на непосредна средба во просториите на Студентскиот правобранител кои се наоѓаат во „Палата Кузман“. Постапката за заштита на правата на студентите се поведува единствено врз основа на писмено барање кое треба да содржи лични податоци на подносителот, околностите, фактите и доказите на врз кои се темели барањето, како и да биде наведен органот, односно лицето на кое се однесува барањето. Доколку станува збор за прашање кое е од општ интерес (пр. ако поголема група на студенти е засегната од проблемот) барањето може да биде и анонимно. Студентите се информираат за сите понатамошни дејствија преземени во постапката.

Проблемите за кои се обраќаат студентите се од разновидна природа. Најбројни меѓу нив се оние од административен карактер кои вклучуваат несредени досиеа (во електонска или материјална форма), несоодветно евидентирани оценки, проблеми во постапките за издавање на уверенија и дипломи и слично. Мошне често се обраќаат и студенти кои укажуваат на потешкотии во положувањето на некој поединечен предмет и покрај тоа што сметаат дека се стекнале со соодветниот квантум на знаење, како и студенти кои се жалат на неетичко и несоодветно однесување на определени професори, асистенти и други лица вклучени во наставно-образовниот процес. Ова се само дел од ситуациите во кои студентите можат да побараат помош од Студентскиот правобранител, тие можат да се обратат секогаш кога сметаат дека некое нивно право е на некој начин повредено.

Факултети.мк: Дали мислиш дека во моментов правата на студентите во Македонија се нарушувани на одреден начин?

Васка Бојаџи: Имајќи предвид дека во рамките на мојата надлежност е единствено Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, би можела да изнесам констатации кои се однесуваат само нашата академска заедница која е несомнено најугледната и најреномираната во држвата. Броејќи околку 60.000 студенти и околку 3.000 наставен и административен кадар, приближно еднакво на бројот на жители во мојот роден град – Струмица, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ се закитува и со епитетот „најголем во државата“. За една таква бројна и мошне разновидна средина проблемите и конфликтите се сосема очекувана појава. Токму и поради согледувањата на Универзитетот дека во текот на секојдневното функционирање, постојат ризици од повреда на правата на студентите, кои се најзначајниот сегмент на академската заедница, е востановена и институцијата Студентски правобранител, како и други механизми за заштита на студентските права.

Факултети.мк: Што би сакала да им порачаш на потенцијалните кандидати за следен Студентски правобранител?

Васка Бојаџи: Во текот на изминатите години, јас и моите претходници вложивме сериозни напори за промоција и унапредување на институцијата Студентски правобранител. Стотиците решени претставки и пружената помош на голем број на студенти се нашите најголеми успеси. Од следниот Студентски правобранител, пред се очекувам да ја одржи оваа позитивна тенденција и со голем ентузијазам, посветеност и сериозност да ја врши оваа функција.

Би му порачала да не се обесхрабрува од предизвиците, зашто патот до правдата е најчесто тежок, долг и мачен, но се додека се чекори со чисто срце и совест, не може да се наиде на пречка која е ненадминлива!