На прагот сме на најголемото откритие досега?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Помеѓу научниците деновиве владее голема возбуда поради откривање на нови честички со кои би можело да се зголеми нашето знаење за вселената.
Имено, експертите кои работат на најважните експерименти во Големиот хадронски судирач (оној истиот кој го откри Хигсовиот бозон) во декември откриле вишок фотони, квантни пакети од светлина, што насочува на можноста за постоење на непозната честичка - нов Хигсов бозон 12 пати потежок од обичниот.
Доколку се потврди сомнежот, тоа ќе биде важен чекор во новата, модерна физика, која ќе го промени таканаречениот стандарден модел кој до сега најдобро се опишувал со судир во микросветот на елементарните честички, но не успевал да ја поврзе квантната механика со теоријата на релативност која одлично го опишува макросветот на планетите, ѕвездите и галаксиите. Доколку се потврди откритието, тоа ќе биде најголемо достигнување во физиката од поставувањето на овие две теории.
Што е откриено?
Два детектори, ЦМС и АТЛАС, во Големиот хадронски судирач, забележиле вишок фотони во сударите на протони при енергија од 750 гига електронволти. Вишокот укажува на можноста дека постои „поголем брат“ на Хигсовиот бозон со токму толкава маса. Други физичари мислат дека тоа би можело да биде знак дека Хигсовиот бозон е изграден од повеќе мали честички.
Третата опција е дека постојат таканаречените гравитони, хипотетски честички на гравитациското поле. Последната теорија би била особено интересна бидејќи досега никој не успеал да ја поврзе гравитацијата, која ја опишува теоријата на релативноста со останатите три сили - силната, слабата и електромагнетната, кои ги опишува квантната механика.
Откако во декември била објавена веста за необичното откритие, физичарите напишале над 280 трудови во кои се обиделе да го објаснат постоењето на новите честички. Но, потребни би биле силни докази за да се потврди било која теорија.
Треба да се земе предвид дека сигналот забележан во судирачот во декември имал релативно мала сила, а веројатноста дека се работи за случајност е 1:93. За откритието да биде потврдено, потребно е да се добие посилен сигнал. Впрочем, научниците не би го земале предвид сигналот доколку не бил забележан во двата експеримента на истото место.
Големиот хадронски судирач не работел во текот на зимата. Но би требало да биде вклучен повторно за неколку недели.