Платете ги со 1.500 евра и Македонците ќе останат во Македонија
Иако повеќето од испитаниците одговориле дека размислувале да ја напуштат
земјава и да заминат во странство дури и по цена да извадат бугарски пасош,
најголем дел од нив би останале во земјава доколку нивната професија е достојно
платена. Во анкетата учествуваа вкупно 3.335 испитаници
Со месечни плати од 90.000 до 120.000 денари Република Македонија ќе го реши
проблемот и со иселување на млaдите и со одлевањето на мозоци од земјава,
покажуваат резултатите од анкетата која во минатата недела ја спроведе
www.fakulteti.mk Иако повеќето од испитаниците одговориле дека размислувале да
ја напуштат земјава и да заминат во странство дури и по цена да извадат бугарски
пасош, најголем дел од нив би останале во земјава доколку нивната професија е
достојно платена. Во анкетата учествуваа вкупно 3.335 испитаници.
На прашањето „Дали вашата професија е достојно платена во Република
Македонија?“ одговориле вкупно 3.276 читатели. Од нив, 86 отсто (2.816) сметаат
дека не се достојно платени, додека само 460 испитаници (14 отсто) се задоволни од
своите месечни примања.
Од 3.282 испитаници, дури 3.018 (или 92 отсто) одговориле дека размислувале да
заминат и да работат во некоја од земјите во Западна Европа. Само 8 отсто не
размислувале на ова прашање.
Интересни резултати дадоа одговорите на 3.276 граѓани, на прашањето дали би
извадиле бугарски пасош за да можат да ја работат својата професија во странство?
Од нив, 61,2 остсто (2.004) се изјасниле дека би извадиле, 32,2 отсто, односно 1.055
не би извадиле, додека 217 (6,6 отсто) веќе имаат извадено бугарски пасош за да
можат да работат во странство.
Сепак, последното прашање даде најинтересна статистика. Од вкупно 3.295
граѓани, 2.718 (или 82,5 отсто) не би извадиле бугарски пасош и би останале во
Република Македонија доколку за својата професија земаат месечна плата од 1.500
до 2.000 евра. Тие би останале тука дури и да им биде понудена двојно повисока
плата за работа во ресторан или на друга позиција, различна од нивната професија.
Од вкупниот број анкетирани 17,5 отсто или 577 граѓани сепак би заминале од
земјава, покажа нашата анкета.