Пожарникар кој во слободното време им предава на сиромашни ученици

Пожарникар кој во слободното време им предава на сиромашни ученици

Подготвил: Тамара Гроздановски

pozarnikar

 

Во земја во која повеќето деца не одат на училиште или не завршиле училиште, еден човек ја презеде одговорноста да ги учи сите оние на кои им е потребно образование.


Мохамед Ајуб предава во неформално училиште во паркот во Исламбад, Пакистан, повеќе од 30 години. Тој е пожарникар во текот на денот, а во 15 часот оди во паркот за да им предава на околу 200 ученици - тој ги учи како да читаат, пишуваат и многу повеќе.

„Гледам како децата талкаат низ улиците на Исламбад и размислувам колку различни би биле нивните животи доколку би имале можност да се здобијат со образование“, вели тој.

Според статистиката на УНИЦЕФ, само 50% од девојчињата и 60% од момчињата се запишани во основно училише во Пакистан. Од оние запишаните пак, две третини од девојчињата и половина од момчињата не успеваат да го завршат школувањето.

 

1


Многу деца не одат на училиште бидејќи работат за да ги издржат нивните семејства. Се проценува дека 3.3 милиони деца под 14 години работат во Пакистан.

„Ние сме деца на сиромашни родители. Без образование ние ќе талкаме по улиците и ќе чистиме ѓубре. Не е нашата судбина да чистиме ѓубре. И ние сакаме да бидеме некој“, вели еден ученик.

Ајуб им помага на учениците да се подготват за владините испити, такашто ќе можат да продолжат со повисоко образование или да добијат пристојна работа. Илјадници ученици ги положиле тестовите под негово менторство.

Неговата цел е децата да се вратат во редовниот образовен систем, па така тој ги учи предмети кои се учат во редовните училишта како англиски, математика, урду, историја и социјална наука.

„Да не беше наставникот Ајуб јас се`уште немаше да знам да читам или пишувам. Ќе берев дрва“, вели еден негов ученик.

Најдобриот дел е тоа што неговите поранешни ученици подоцна се враќаат и му помагаат во подучувањето на помладите ученици.

 

2


Вакви неформални училишта се појавија насекаде низ светот - во паркови и на улица и во области кадешто многу деца немаат пристап до квалитетно образование или било какво образование.

Надежта на Ајуб е да изгради вистинско училиште кадешто ќе може да продолжи да предава.

„Ако сакаме Пакистан да напредува, тогаш секое дете треба да учи по еден збор дневно. Ако вашите сестри, браќа, соседи се неписмени - помогнете им“, вели тој.