Седум причини зошто да учите #заедно
Во Македонија студирањето во група, без разлика дали се работи за учење на лекциите кај некого дома или цел заеднички семинарски проект, сѐ уште не се практикува доволно.
Ви презентираме 7 добри причини зошто треба да изберете да учите
#заедно:
1. Лек против одлагања
Сигурно сте забележале дека доколку студирате сами, искушенијата се големи: на телевизија оди вашата омилена серија, во кујна седи отворена тегла Нутела, на Фејсбук ви пишува симпатијата. Па си велите, ќе започнам точно во 10 часот, и кога ќе видите дека е 10 и 3 минути, си велите ќе започнам во 11 часот... За на крај да испадне да учите во 5 до 12 пред испит или предавање на проектот.
Учењето во (добра) група ја оневозможува прокрастинацијата бидејќи мора да го почитувате договорот и да почнете да учите во некое точно одредено време.
2. Учите побрзо
Доколку сте посветени, учењето во група може да го забрза совладувањето на материјата или изработката на проектот.
На пример, некој дел од книгата може да ви биде целосно нејасен, но на друг студент да му е кристално јасен. Во група, наместо да трошите драгоцено време на разјаснување на проблемот, едноставно може да поставите прашање до некој од групата.
3. Нови перспективи
Доколку учите сами, секогаш ќе го гледате материјалот од истата перспектива.
Иако ова само по себе не мора да е проблем, добивањето на свежи перспективи може да ви ги отвори очите и да го разберете материјалот посуштински.
Групите се совршени места каде што може да се најдат овие нови перспективи. Како што слушате и поставувате прашања, набргу ќе забележите огромен број на различни мислења за една иста идеја.
Тоа ќе ви помогне да ја преиспитате својата позиција и да размислувате критички.
4. Нови вештини
Освен нови перспективи за одредена област, можете да се здобиете и со нови вештини.
За време на студирањето, секој студент развива сопствени методи за учење и работа. Еден има одличен начин на меморирање, друг прави одлични презентации, трет е добар математичар, итн.
Со учењето заедно, ќе имате можност да ги гледате вештините на вашите другар(к)и и да ги подобрите сопствените вештини.
5. Збогум на монотонијата
Факт: учењето сам е монотоно. Особено на подолги периоди.
Тешките лекции, задачи и делови од проектот можат да станат полесни со следната шега на вашите колеги и колешки. Секако, не забегувајте, дојдени сте за учење.
6. Пополнување на дупките
Сигурно ви се случило да не успеете навремено да ги фатите и запишете сите забелешки од предавањата на вашите професори. Или пак едноставно не сте стигнале на некои од предавањата. Вашите другар(к)и можеби ги запишале токму оние работи кои вас ви фалат или сте ги пропуштиле.
7. Вежба за вистинскиот свет
Освен ако некако не станете чувар на пуст остров, откако ќе завршите студиите веројатно ќе работите со други луѓе.
Учењето во група и осознавањето на групната динамика е одлична вежба за да ги развиете вашите меѓучовечки вештини кои и тоа како ќе ви бидат потребни во вашата кариера.
Ви посакуваме успешно учење #заедно!
Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip.