Македонската младина повеќе сака индекс отколку алати во рака

Македонската младина повеќе сака индекс отколку алати во рака

Подготвил: Тамара Гроздановски

indeks

 

Македонската младина повеќе сака да студира, отколку да работи како еден вид мајстор - заварувач, монтер, бравар или било каков вид на занаетчија. Иако во студирањето се вложуваат многу повеќе финансии, и не секогаш е гаранција за пронаоѓање на работа, додека занаетчиството е дефицит и нуди доста работни места, младите сепак повеќе сакаат да учат отколку да го „фатат“ алатот во рака.


Oва особено ќе се одрази во наредните неколку години кога постарите генерации ќе одат во пензија, па на пазарот ќе има уште поголем дефицит од струките во занаетчиството. Според податоците од Занаетчиската комора на Република Македонија, во 2010 година имало околу 3.000 регистрирани занаетчии во Регистрите на Регионалните занаетчиски комори.

Според претходните анализи на Стопанската комора најдефицитарен стручен кадар се браварите, монтерите, одржувачите на водоинсталации, операторите на тешка градежна механизација како и металостругари. Меѓутоа, и покрај побарувањата на вакви професии на пазарот на трудот, македонската младина се одлучува да оди на факултет - откако ќе ја добијат факултетската диплома, тие се соочуваат со потешкотии да пронајдат работа.

Постои хиперпродукција на високо образовни кадри од општествените науки, па така се` почести се дипломираните правници, економисти и информатичари, а од друга страна Македонија се соочува со недостаток на мајстори иако се смета дека ова се професиите на иднината. За младите не е привлечно да бидат ѕидари, бравари или било каков вид на занаетчии - делумно ова се должи на лошата образовна политика, непланското создавање на кадри без воопшто владата да се консултира и да направи анализа на потребите на стопанството.

 

Не се обрнува внимание што се бара на пазарот на трудот, што е дефицит а што суфицит па така секоја година излегуваат кадри со високо образование кои не можат да пронајдат работа. Од друга страна пак ниските плати кои ги нудат работодавците на овие професии ги спречуваат младите да се одлучат за стручно образование, па така веруваат дека ако се одлучат за високо образование, ќе имаат можност и за повисоки плати.

 

За ситуацијата на пазарот на трудот и за тоа дали занаетчиството пропаѓа во нашата земја, како и за нивното мислење колку владата презема мерки за да ги усогласи барањата на пазарот на трудот, мислење побаравме и од Стопанска комора на Македонија и Занаетчиската комора на Македонија, меѓутоа не добивме никаков одговор. Дали тоа значи дека коморите не се запознаени со ситуацијата на пазарот на трудот?

И додека оние занаетчии кои останале во нашата земја се соочуваат со ниски плати, земјите како Германија нудат месечна плата од 2.500 евра за бравари и други занаетчии. Германија ги покрива сите трошоци како и здравствено и пензиско осигурување, и курсеви за германски јазик, сертификати и други бенефиции.