Обичаи и традиции низ Македонија со кои се одбележува раѓањето на бебето
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Обичаите и традициите кои доаѓаат со самото раѓање на бебето насекаде се различни, па така и во нашата земја. Имено, нашето поднебје има интересни обичаи и традиции кои дел од мајките се одлучуваат да ги почитуваат, но за голем дел од нив се „бабини деветини“ и секако, се одлучуваат да ги игнорираат.
Со раѓањето на бебето се приготвуваат мекици - во тетовскиот крај мекиците најчесто ги приготвува свекрвата. На мекици се канат само жени кои носат подароци и нешто благо - за животот да му биде благ.
Откако ќе се роди бебето, се оди во црква и се зема мала молитва и крстена вода. Во водата во која се капи бебето треба да се стави од крстената вода, и мајката треба да се напие од неа. Доколку остане крстена вода последниот 40-тиот ден, тогаш таа се истура во земја.
Обичајот со мекиците варира според регионите - некаде таткото е тој кој дава мекици, меѓутоа даваат и другите членови од семејството. Некаде свекрвата, мајката или сестрата на леонката разнесуваат мекици низ роднините. Симболот на мекиците е за детето да биде меко, и тие се служат со благо за тоа да има благ живот.
Во други краеви пак се вари грав, а малечки дечиња треба да го јадат од на земја. Се крши погача и заедно со Библијата се служи на гостите. Бебето се става во кошулата на таткото и додека се крла, гостите фрлаат различни предмети во кошулата.
Во принцип, скоро во сите градови низ Македонија се почитуваат оние познати 40 дена кога мајката и бебето не треба да излегуваат од дома, ниту пак треба да ги посетуваат. После 40-те дена, најчесто се зема голема молитва.
Во текот на овие 40 дена мајката се смета за „нечиста“, такашто не смее да има интимни односи со својот сопруг.
Исто така, после 40-тиот ден бебето може да го посетуваат и другите луѓе. Причината поради која се чекаат 40 дена најчесто е заштита од било какви инфекции или пак урочувања и магии како што голем дел од луѓето милуваат да кажат.
Во текот на 40-те дена мајката не смее да суши алишта надвор после заоѓањето на сонцето, и не смеат да излегуваат после заоѓањето на сонцето.
Кога станува збор за посетување на бебето, девојките не смеат да имаат месечен циклус, за бебето да не се нафрли. Доколку имаат, треба да му шепнат на уво на бебето за да се избегне нафрлање. Исто така, гостите не смеат да доаѓаат навечер, само во текот на денот затоа што ако влезат во темно, тогаш му носат темно и со тоа магија и духови. Мајката во текот на тие 40 дена не смее да вели пријатно, од куќата не се изнесува ништо, не смее да подава преку маса ништо ниту пак да испраќа некој за да не ѝ секне млекото.
Против урочување мајките треба да им врзат црвен конец околу рачето на бебето или пак да се стави чорапче однопаку.