Ова се шесте кандидати за нов ректор на УКИМ
Универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Коле Василевски, Елена Думова Јовановска се кандидатите за изборот на нов Ректор на УКИМ. Нов ректор законски треба да се избере до 15 јули.
Професор Атанас Кочов
Професор Атанас Кочов е актуелен декан на Машинскиот факултет и редовен професор на истиот. Роден е на 08.03.1966 во Скопје. Дипломирал на Машински факултет на УКИМ, каде исто така магистрирал. Докторските студии ги завршил на Универзитетот Вашингтон, Сиетл, САД, како и на Машинскиот факултет во Скопје. Автор е на бројни научни и стручни трудови, како и учебници.
Професор Ненад Новковски
Професор Ненад Новковски е редовен професор на Природно математичкиот факултет на УКИМ на Институтот за физика. Дипломирал на Факултет за физика, во 1980 година. Постдипломските студии по физика ги завршил на Електротехничкиот факултет во Белград. Докторската дисертација ја изработил во Лозана, Швајцарија, а ја ја одбранил на Институтот за физика на ПМФ. Автор е на бројни научни и стручни трудови, а беше и Министер за образование и наука.
Професорка Елена Думова Јовановска
Професорката Елена Думова Јовановска е редовен професор на Градежниот факултет на Катедрата по Теорија на конструкции. Таа беше и проректор за настава на УКИМ. Авторка е на многу научни трудови, публикации и книги.
Професор Александар Димитров
Професорот Александар Димитров е редовен професор на Технолошко металуршкиот факултет на Институтот за Екстрактивна Металургија, а беше и декан на овој факултет до минатата година. Во 1983 година дипломирал на Факултетот за металургија Во Скопје, магистрирал и докторирал на Технолошко-металуршки факултет. Во 2002 година бил на последокторски студии на University of Cambridge, Department of Material Science and Metallurgy, Cambridge, U.K. Автор е на многу научни трудови, како и на патент.
Д-р Никола Јанкуловски
Д-р Никола Јанкуловски, е професор по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет и е актуелен декан на истиот. Тој е абдоминален хирург. Студиите ги завршил на Медицинскиот факултет во Скопје. Во декември 2002 година ја одбранил докторската дисертација. Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година.
Професор Коле Василевски
Професор Коле Василевски, е актеуелен проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ. Професор е на Шумарскиот факултет во Скопје. На овој факултет бил и продекан и декан. Тој исто така беше проректор за наука на УКИМ. Докторирал на Шумарскиот факултет во 1996 година и е автор на повеќе научни трудови.