Дали на македонските туристи им треба меѓународна возачка дозвола за во Грција?

Дали на македонските туристи им треба меѓународна возачка дозвола за во Грција?

Подготвил: Д.Ф

Според важечките законски прописи на јужниот сосед, државјаните на земји кои не се дел од ЕУ, освен националната возачка дозвола, треба да поседуваат и меѓународна, при што казната за непоседување на овој документ е 200 евра.



Дали македонските туристи кои летуваат во Грција задолжително треба да имаат и меѓународна возачка дозвола? Оваа дилема се наметнува постојано, особено пред летните одмори, а за која во јавноста има различни мислења. И покрај општо прифатениот став меѓу Македонците дека за Грција не е потребна меѓународна возачка дозвола, законските прописи на јужниот сосед велат поинаку. Забуната настанува поради тоа што грчката полиција во повеќето случаи не им го бара на увид овој документ на туристите, исто како што и многу рент-а-кар агенции или рент-а-бајк им прогледуваат низ прсти на туристите кои изнајмуваат возила или мотори и не инсистираат тие да го поседуваат овој документ иако законот ги обврзува на тоа.

Според важечките законски прописи во Грција, сите државјани на земјите-членки на ЕУ можат да ги користат своите национални возачки дозволи. Државјаните на земји кои не се дел од ЕУ, каде што спаѓаат и Македонците, на САД, Канада, Австралија и останатите земји во светот, освен националната возачка дозвола, треба да поседуваат и меѓународна која ќе ја покажат на увид на барање на грчката сообраќајна полиција. Казната за непоседување на овој документ е 200 евра. Висината на казната е иста и доколку возите во Грција со истечена возачка дозвола или со погрешна категорија.     

Во пракса, многу ретко сообраќајната полиција во Грција бара од туристите кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ да покажат меѓународна возачка дозвола. Сепак, таа е неопходен документ при сообраќајни незгоди, кога треба да се направи увид, без разлика дали другото возило ја предизвикало незгодата. Исто така, дел од осигурителните компании одбиваат да ја покријат штетата во случај на сообраќајна незгода ако нема официјален полициски записник и ако немате меѓународна дозвола.

Меѓународна возачка дозвола во земјава се вади во АМСМ. Овој документ чини 950 денари и има важност 3 години, со тоа што ако пред тој рок истече важноста на националната возачка дозвола, автоматски престанува да важи и меѓународната. За да се извади овој документ потребни се две мали фотографии, документ за лична идентификација (лична карта или пасош) и да се достави на увид биометриската возачка дозвола. Притоа, документот се добива веднаш.  

- Апелираме возачите од земјава, покрај биометриската возачка дозвола, да имаат со себе и меѓународна кога патуваат во странство, поради тоа што полицијата во секоја земја има различни барања. Со носењето на меѓународна дозвола ќе се заштитат од евентуални непријатни ситуации – велат од АМСМ.

За кои земји не треба меѓународна возачка дозвола?

Граѓаните кои што патуваат во Албанија, Црна Гора, Србија, Бугарија, Словенија, Романија, Италија и Шпанија не мора задолжително да поседуваат и меѓународна возачка дозвола, доволно е да ја имаат националната. Со овие земји Македонија има потпишано договор за признавање на националните возачки дозволи. Од земјите во регионот, освен за во Грција, на Македонците им треба меѓународна возачка и за во Хрватска.

Постапка за издавање на меѓународна возачка дозвола