Дали е лесно да најдете работа на Малта со македонски пасош?

Дали е лесно да најдете работа на Малта со македонски пасош?

Подготвил: Д.Ф.

Откако ќе најдат работа во островската земја, Македонците треба да аплицираат за работна дозвола која чини околу 500 евра и за која се чека неколку месеци, но нема гаранција дека сигурно ќе ја добијат.



Упорност, многу среќа, но и подготвеност да се работи и пониско квалификувана работа повеќе од 40 часа во неделата, се првичните работи кои ви требаат за да најдете работа на Малта и добро да заработувате од неа. Островската земја во Средоземното Море последниве години е вистински хит меѓу младите Македонци кои бараат подобра иднина во некоја земја од ЕУ. Не се малку ни тие што одат таму барајќи сезонска работа преку летото, па потоа решаваат да останат и за многу подолго.

Келнери, шанкери, готвачи во ресторани, градежни работници,продавачи, собарки, се дел од работните позиции на кои најчесто работат Македонците во Малта. Тие што се таму велат дека приоритет при добивањето работа на повисококвалификувани места имаат жителите на земји од ЕУ, а дури потоа жителите на балканските земји како што се Македонија, Србија, Босна и Херцеговина.       

Скопјанката Марија веќе седум месеци живее на Малта, во градот Сент Џулијанс. Иако има завршено високо образование и приватен бизнис во Скопје, решила да си ја проба среќата на Малта.

- Решив да заминам поради финансиски причини. Мои другар и другарка веќе беа таму подолго од шест месеци и си реков зошто да не пробам дали ќе ми биде подобро. Очигледно дека е подобро, бидејќи и по седум месеци се уште сум тука – ја почнува својата приказна Марија. 

Таа живее во изнајмен стан заедно со двајца цимери, кој им е блиску до работните места, но и до познатиот каврт Пачевил каде се наоѓаат мноштвото кафулиња и ноќни клубови и е најпопуларно место за излегување.
На Малта заминала туристички, во посета на пријателите. Веднаш по пристигнувањето почнала самата да бара работа следејќи ги огласите залепени на продавниците, но и интернет-огласите на кои се бараат работници. Имала среќа да најде работа само за една недела откако дошла во Сент Џулијанс и тоа во декември, кога не е сезона.

- Не можам да кажам дали тешко или лесно се наоѓа работа. Веројатно најмногу зависи од тоа колку си упорен и што имаш да понудиш во CV-то – вели Марија.

Таа објаснува дека секоја работа на Малта се плаќа на час и зависно од местото и позицијата, сатницата е различна. Недела и државни празници се повеќе платени од работните саати преку недела.

- Доволно е да имаш 50 работни часови во неделата, вклучувајќи и работа во недела, за да имаш одлична плата. Животот секако е подобар отколку во Македонија, со платата можеме да си дозволиме да платиме кирија, храна и ноќен живот и плус да ставиме некое евро на страна. Генерално може да се каже дека ноќниот живот можеби е поевтин од македонскиот, а стандардот е прилично повисок од тој во Македонија – вели Марија.

Најголем проблем за Македонците на Малта е добивањето работна дозвола. Откако ќе најдат работа, луѓето од земјава треба да аплицираат за работна дозвола која чини околу 500 евра и за која се чека неколку месеци, а која по добивањето има важност од една година. По тој рок треба одново да се продолжи. Доколку барателот е одбиен за работна дозвола, парите не му се враќаат.

- Додека се чека дозволата, се работи на црно. Ако поминат три месеци, колку што имаме право на туристички престој со македонскиот пасош, треба да се вратиш во својата земја и таму да чекаш одговор дали си добил работна виза. Ако си ја добил, можеш повторно да се вратиш на Малта – објаснува Марија. Дел од работниците не ја ни добиваат иако имаат обезбедена работа и редовна плата, па го губат правото на престој во земјата подолго од туристички дозволените 3 месеци. Сепак, голем дел и покрај тоа одлучуваат да останат на Малта и да работат на црно, ризикувајќи да го изгубат правото на влез во земјата при првото излегување. 

- Малтежаните како газди не се нешто подобри од македонските, но барем редовно даваат плата, секогаш на време. Целото прекувремено работење е платено без проблем. Има многу Македонци на Малта, но ние живееме во место каде што ги нема многу околу нас, повеќето живеат во градот Буџиба каде што кириите се поевтини. Затоа повеќе се дружиме со странци – го раскажува своето искуство Марија.

Луѓето кои подолго време живеат на Малта велат дека во последниве години властите прилично ги заостриле контролите на аеродромите за влез во земјата, особено за лица кои не се членки на ЕУ, бидејќи искуството им покажало дека повеќето не доаѓаат туристички, туку за да останат трајно. На влез во земјата освен резервирани авионски билети, резервација за хотел, бараат патниците да покажат и одредена сума пари за секој ден престој во земјата. Доколку ги немаат сите овие работи со себе, властите им забрануваат да влезат на Малта.