На кој начин Македонците му помагаат на Трамп во трката за претседател?

На кој начин Македонците му помагаат на Трамп во трката за претседател?

Велешани имаат неколку веб страни со кои го поддржуваат Доналд Трамп, меѓутоа важат за извори со лажни извештаи.

 




Американската веб страна „Washington Examiner“ во април откри за овие веб страни. Нивниот извештај покажа дека „ICANN WHOIS“ има евиденција за сите веб страни кои го поддржуваат Трамп како и имињата, адресите и информациите за контакт на македонските сопственици. Сите веб страни имаат слични домен имиња: Usanewsflash.com, 365usanews.com, worldnewspolitics.com.

„The Washington Examiner“ објаснува дека веб страните се создадени за да ги насочат неопределените гласачи кон претседателскиот кандидат Доналд Трамп.

Најпрво започнале онлајн разговори во врска со овој извештај и со поврзаноста на десничарската владејачка гарнитура на Македонија со конзервативците во Америка.

Сепак, истражувањето направено од непрофитната Meta.mk откри нешто сосема различно. Новинарите од Meta.mk стапија во контакт со луѓето кои се сопственици на овие веб страни. Двајца од нив се согласија за интервју. Еден сопственик е студент по компјутерски науки, а другиот е наставник по англиски јазик. Тие објаснуваат дека го промовираат Трамп со цел да заработат пари од „кликови“ на онлајн рекламите на нивните веб страни.

Како што наведува „The Washington Post“, Велес е поранешен индустриски град кој беше тешко погоден од кризата. Голем дел од младите се преселуваат во главниот град или во западноевропските градови во потрага по работа. Локалните економски можности се ограничени, а врските со владејачката партија се доминантен предуслов за просперитет.

Еден од интервјуираните сопственици објаснува дека не се грижи за новинарските стандарди и вистинитоста на неговата содржина, ниту пак за последиците од дезинформирањето на американските гласачи.

„Нешто пишувам, нешто преведувам, нешто преземам од други веб-страницата. Само прикачувам вести и ништо друго. Најмногу пишувам за Доналд Трамп затоа што народот најмногу сака за него да чита, но пишувам и за други. Знам дека не е сè точно што се пишува на веб-страницата, исто како што не е точно сè што се пишува и на македонските веб-страници. Но, за секоја вест имам напишано извор од каде е пренесена“, вели Мирон Брезев од Велес.

Откако сопствениците разговараа со Meta.mk, на веб страните информациите за вистинските сопственици беа променети со податоци од компаниите кои обезбедуваат анонимизациски услуги.

Твитер корисникот @Pipelinemkd се потсмева на овој феномен.

Други македонски корисници на социјалните медиуми објаснуваат дека постои цела индустрија врз основа на создавањето на веб страни за теми од интерес на американската публика. Постојат дури и „обука за интернет бизнис и маркетинг“ каде луѓето со основно познавање на англискиот јазик можат да научат да поставуваат „WordPress“ веб страни и да објавуваат „новости“ за различни теми. Вградените реклами им овозможуваат приход, но се чини дека најголемите придобивки во оваа индустрија се луѓето кои го овозможуваат овој курс. 

Автор: Марко Ангелов / Global voices