Граѓаните шокирани: Инфективното одделение во болницата "8 Септември" на колективен одмор
Како е можно цело одделение да биде затворено поради колективен одмор?! И уште повеќе, во време кога се случи страшната поплава во делови од Скопје?! Се уште не ми се верува – вели роднина на еден пациент
Инфективното одделение во скопската Градска општа болница „8 Септември“ е на колективен одмор, дознава www.fakulteti.mk. Неколкумина граѓани вчера биле шокирани откако добиле приоритетни упати за хостпитализација поради сериозни болести, а кога стигнале пред инфективното одделение виделе соопштение дека се на колективен одмор до 15 август.
- Пациентот требаше да биде згрижен на инфективно одделение поради многу висока температура. Бидејќи веќе бевме информирани дека одделот за инфективни болести и фебрилни состојби во „8 Септември“ е привремено затворен, ја информиравме лекарката да не не упатува таму. Не и се веруваше. Не погледна зачудено: „Како може болничко одделение да е на колективен одмор?!“. Во компјутерскиот систем таа се обиде да ни издаде приоритетен упат и успеа во тоа. Но, кога отидовме во болницата ни рекоа дека одделението не прима пациенти, бидејќи сите се на колективен одмор – раскажува М.Т. од Скопје.
На телефонскиот број на болницата вчера, околу 14 часот се обидовме да го добиеме инфективното одделение во „8 Септември“. Операторот кусо рече:
- Ќе Ве поврзам, нема проблем. Но, таму нема никој, сите се на одмор.
Вчера непријатно се изнанадило уште едно семејство кога го однеле пациентот во прилично тешка состојба да го примат на инфесктивното одделение. И тие имале приоритетен упат токму за таа болница.
- Не ни се веруваше кога пред вратата прочитавме дека се на колективен одмор. Како е можно цело одделение да биде затворено поради колективен одмор?! И уште повеќе, во време кога се случи страшната поплава во делови од Скопје?! Се уште не ми се верува. И како е можно системот да издава приоритетни упати, кога одделението е затворено – прашува роднина на пациентот.
Повеќе лекари од Клиничкиот центар, онколози, пулмолози, сестри вчера со неверување ја слушнаа информацијата за колективниот одмор. Дури почнаа да се шегуваат.
- Колективен одмор?! Првпат слушам. Добра идеја, можеби треба и ние да се обидеме – беа некои од кометарите.