Зошто учениците и студентите препишуваат на тестовите?

Зошто учениците и студентите препишуваат на тестовите?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Повеќето од нас, барем еднаш препишале за време на тест на училиште или на факултет. Иако можеби не сме украле нешто од продавница или не сме прекршиле некој закон или општествена норма, препишувањето на испити/тестови повеќето од нас го оправдуваат. Зошто е тоа така?

 

препишување


Според анкетата спроведена на нашата веб страна минатата година, 48% од студентите/учениците изјавиле дека не планираат да препишуваат, но би препишувале ако не се подготват на време, 23% не би препишувале но немаат против ако другите препишуваат, 19% велат дека за препишувањето нема оправдување, а 10% велат дека би препишувале секогаш кога имаат можност.

Така што, препишувањето е присутно во голема мера. Реченицата тоа го прават сите е горе долу вистината. Прашањето кое логично се наметнува е зошто? Зошто поголемиот дел од учениците се одлучуваат на кршење на правилата и што сето ова ни зборува за образовниот процес, вреднувањето на знаењето и општеството во целина?

„Моето искуство во образованието ми покажува дека препишувањето меѓу учениците започнува да се појавува на околу 9 годишна возраст кога учениците започнуваат да го чувствуваат притисокот од оценувањето. На оваа возраст децата знаат што е погрешно, што е забрането и што не е во ред и ги знаат последиците од ова однесување“, вели професорката Марија Трајковска.

„Системот на оценување во голема мера зависи од материјалот и критериумот. Нашиот образовен систем се' повеќе се сведува на усвојување и помнење на факти, па оттука произлегува и препишувањето“, додава таа.

Наставникот е оној го одредува начинот на размислување и тестирање па и тука преовладуваат разлики. Потребно е да се направат измени во наставните програми за да не се насочуваат учениците само кон помнење на факти туку самите тие да ја ценат сопствената независност, разбирање и креативност со што ќе се стимулираат и тие и сите околу нив.

„Сметам дека во препишувањето голема улога имаме и ние наставници, меѓутоа и самите родители. Кога на родителите им се кажува дека нивните деца препишуваат, тогаш тие се длабоко навредени - сметаат дека тоа е личен атак кон нивното дете и дека наставникот е оној кој го предизвикува препишувањето. Овој проблем е многу подлабок отколку што мислиме, а според мене решението лежи во разговор меѓу родителите, наставниците и учениците“, вели професорката Емилија Манивиловска.

Секако, и самите ученици и студенти придонесуваат кон оваа активност. Тие се доведуваат во ситуација да немаат доволно време да научат за оценката која сакаат да ја добијат, такашто се одлучуваат да препишуваат.

„Препишувам затоа што можам и најчесто тоа го правам на тестови од предмети кои не ми се интересни да ги учам и за кои треба да запомнам многу факти“, вели еден ученик од осмо одделение.

„Не препишувам често, иако ми се случило во мене да имам „резервни“ ливчиња за време на испитите и колоквиумите. Сепак, мислам дека ова е прилично лоша пракса ка учениците, особено кај студентите бидејќи студентите се веќе академски граѓани кои треба да се поодговорни лица“, вели една студентка.

Експертите велат дека причината за препишувањето треба да се бара и во самото општество. Сведоци сме на голем број случаи во кои студентите ги стекнале своите дипломи со препишување или купување, и истите подоцна ги гледаме како извршуваат висока функција. На тој начин им се испраќа порака на децата дека најмногу успеваат оние кои ќе успеат да излажат и да се снајдат - сета оваа социјална неправда и тоа како влијае врз одлуката за препишување.

„Ако самиот ученик почувствува неправда кон себеси или блиските тогаш неговиот систем на вредности може целосно да се промени“, вели професорката Марија.

Препишувањето е вистински предизвик за образованието - и во основно, и во средно и на факултет. Потребно е да им укажеме на учениците дека вистинското знаење, нивната љубопитност и желба кон учењето се најдобриот рецепт за успех и задоволство.