Револтирана студентка со отворено писмо до пензионерите

Револтирана студентка со отворено писмо до пензионерите

Во нашата редакција пристигна писмо од револтирана студентка наменето за пензионерите, писмото во оригинал форма ви го пренесуваме во целост:



Еве дури чекам нешто повеќе од половина час на постојката кај Рекорд барем имам време да го напишам ова отворено писмо кое им го посветувам на пензионерите. Од факултет не можам да си заминам дома, затоа што на некој му текнало да се вози низ Скопје, нели му е бесплатно и му следува, а од друга страна и зима е па ќе заштеди и за греење. Арно ама за тие да си поправат муабет меѓу себе и да си се видат ние студентите гледаме како пред очи ни доаѓаат и си заминуваат неколку автобуси само затоа што се преполни и нема место.

Тамам ќе стигнеш до вратата на автобусот, среќен конечно ќе си одиш дома, кога возачот пред нос ти ја затвора вратата затоа што нема место внатре. А за разлика од некои, па уште брзаме, брзаме да си одиме затоа што дома не чека проект со рок до недела и неколку домашни, брзаме затоа што за нас што всушност не сме од Скопје единствениот период кога може да си одиме дома за да бидеме со семејството е токму викендот, брзаме затоа што не сме спиени цела вечер за да повториме за полагањето во осум. А Вие? Каде брзате вие пензионери? Што мора да правите хаос во автобусите и да го попречувате текот на нормалниот сообраќај кој се одвива непречено во малкуте денови кога вас не ви е бесплатно?

Зошто мора да се излегува од дома во 8-9 кога луѓето брзаат за на работа и да се враќате дома во 4-5 кога е општ хаос низ цело Скопје? Го имате на располагање целиот ден, организирајте го времето и пропуштете ги гужвите и за ваше и за сечие добро. И на крај ние сме некултурни затоа што за вас нема место во автобусот и ќе треба да го чекате следниот, па не тургате за да се збиеме (нешто што разумен човек не би го направил), а тоа па нема место ни за тие што се веќе внатре, па викате по нас, па на тој револт што го стварате дури и најдобриот и најпримерниот човек ќе го натерате да викне и ќе го изнервирате. По сите овие гужви турганици и чекање, конечно ќе ни се посреќи па всушност и ќе влеземе во автобус, па не дај боже да сме седнеле, за нив нема место така, а кој ме прашува мене дали ми е добро, можеби ме боли нешто, затоа што за разлика од некој јас не избирам дали да одам некаде или не, мене ми е обврска и без разлика на мојата состојба морам да сум на факултет, а некој не мора, ако не му е добро не мора да оди на зелено пазарче затоа што доматите се 2 денари поевтини таму. Па потоа те туркаат од сите страни дури стоиш, во автобусот пишува 20 слободни места за стоење, а ние стоиме стотина души. На крај стигнуваш на постојката каде треба да се симнеш, па и за тоа кавга, на крај излегвуаш изнервиран си одиш дома, ти поминува лутината и се така до следниот „пензионерски ден“.

За крај сакам да кажам едно благодарам за бесплатниот автобуски превоз што ни го пружате ама што ќе ни е кога не можеме да го користиме. Ни ние, ни тие, кога секој плаќаше карта многу побрзо и полесно стигнувавме дома, а ако е така, радо би платила.

Се извинувам на сите кои не се засегнати во ситуацијава, а се пензионери, како и да напоменам чест на исклучоците кои не го злоупотребуваат бесплатниот јавен превоз, но како што би се рекло “покрај сувото, и суровото гори”.

Поздрав,
Револтирана студентка во петок.

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.