Ерос е платонска концепција за љубовта, чии корени се наоѓаат во антиката, а христијанската верзија е
агапе. Постои сличност и поврзаност меѓу двете идеи за љубовта кои се споиле во средниот век.
Во својот текст,
Платонска и христијанска љубов, Аница Савиќ Ребац поаѓа од орфејско-платонско-неоплатонски доктрини за љубовта и нивното влијание врз средниот век, а потоа нуди подетални прегледи на агапе, христијанското сфаќање на љубовта и еросот, платонската концепција за љубовта.
Што е агапе?
Во текстот, пред се', се истакнува поврзаноста на христијанството и хеленизмот преку замислата за љубовта како врска меѓу душата и апсолутното. Токму тој платонистички момент постои кај апостолот Павле и неговата
Химна за љубовта, попозната како
Прво послание до Коринтјаните.
Христијанската љубов, агапе, е над знаењето, т.е. таа е најголемо знаење, она што овозможува да бидете „лице в лице“ со Бог, слично со платоновото видување на идејата.
Меѓутоа, агапе е и љубов што подразбира приземност и избор, и во тоа е разликата во однос на хеленскиот ерос, што подразбира копнеж, страст, чезнеење. Агапе е љубов што поаѓа од Бог. Таа е
excessus, прелевање, излевање. Платоновиот ерос, пак, е
ascensus, качување, издигнување. Платонизмот подразбира еротско сознавање.
Разлики и сличности меѓу ерос и агапе
Авторката во својот текст ја испитува можноста доктрината за љубовта на апостолот Павле да потекнува од Платон, и трага по патиштата преку кои се случило влијанието. Врската со хеленизмот, во смисла - хеленизирање на агапе, прв ја востановил апостол Павле.
Агапе од ерос се разликува по недостатокот на интелектуалното и, во потесна смисла на зборот, еротскиот карактер, и по тоа што е феминизирана. Агапе е непосредно религиозно доживување, љубов која е општочовечка и космичка и претставува пат кон трансценденцијата, и која според името и по својата природа е феминизирана. Агапе често се преведува како caritas или милостина што подразбира жртвување и давање.
Како главна разлика меѓу Платоновиот и Плотиновиот ерос, односно меѓу еросот и христијанската агапе, Аница Савиќ Ребац наведува дека Платоновиот ерос е посредник меѓу душата и апсолутното, а агапе покрај што посредува, таа има свое средиште и во самото трансцендентно божество.
Агапе е circolo amoroso меѓу човек и Бог, круг што поаѓа од Бог и се враќа во него. Кај Платон патот не е кружен, но затоа е скалест. Неговиот ерос патува високо нагоре.
Синтеза на ерос и агапе
Писателите Гвиничели и Данте се смета дека се првите кај кои докрај е изведена синтезата на платонскиот ерос и персоналната љубов. Кај Данте тоа се забележува во поврзувањето на копнежот за мртвата сакана со чезнеењето за Бог и за апсолутното. Еросот поаѓа од поединечната љубов, љубовта кон Беатриче, и преминува кон општото, и на тој начин Данте се поврзува со Платон.
Во текстот се заклучува дека христијанството посредно или непосредно го унапредило поимот за љубовта и тоа збогатувајќи го еросот, со што се случила преродбата на платонизмот.
Авторката на крајот истакнува дека љубовта се наоѓа во средината на сите доктрини и дека идеите имаат способност вечно да се обновуваат.