На ПИСА тестирањето сме четврти, ама отпозади
Македонија е рангирана меѓу последните земји на најновата листа на меѓународното тестирање ПИСА за постигањата на ученици на 15-годишна возраст по јазична писменост, математика и природни науки. Резултатите за 2015 година се објавени денеска, а позади нас се само Косово, Алжир и Доминиканската Република. Најдобри резултати имаат учениците од Сингапур, Јапонија и Естонија. Според оваа најнова анализа лошо стоиме по сите три предмети, а експерти велат дека е време да се спроведат нови политики во образованието кои ќе ги подобрат резултатите на учениците. На пример постигнувањата на учениците по математика се намалиле од 381 во 2000 година на 371 во 2015 гопдина. По природни науки од 401 во 2000 на 384 во 2015 година.
Инаку, Македонија по втор пат учествува во ПИСА. Првиот пат беше во 2000 година, кога исто така постигнувањата на учениците беа меѓу најслабите.
- Сепак, резултатите од последното мерење (спроведено во 2015 година), а објавено сега, покажуваат уште поголемо намалување. Дел од објаснувањето може да биде дека со задолжителното средно образование, дел од 15-годишниците кои порано не продолжуваа во средно образование сега се вклучени, и тие веројатно го намалуваат просечниот резултат (бидејќи вообичаено се со понизок социо-економски статус). Ова би биле околу 15 проценти од вкупната средношколска популација. Сепак, улогата на образовниот систем е да одговори на потребите на сите ученици без разлика на социо-економскиот статус. Ниските резултати покажуваат и дека образовните реформи кои се спроведуваа во текот на изминатите 15 години не вродија со плод. Дел од причините се во несистематското воведување на промени, без консултација на сите засегнати страни, и најбитно – недостатокот на евалуација на ефектите од промените. Приодот одгоре-надолу на воведување и спроведување реформи во образовниот систем не е ефективен, бидејќи оние кои треба да ги спроведуваат се чувствуваат како аутсајдери во целиот процес - вели Ана Мицковска- Ралева, аналитичар за образовни политики во Центарот за истражувања и креирање политики од Скопје
Меѓународното тестирање ПИСА е една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење на учениците во образовниот систем во матичната земја. Оценувањето се спроведува во повеќе од 60 држави од целиот свет и го реализира Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои пет години. Знаењето и способностите на учениците се мерат во три подрачја и тоа способеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки. Мицковска Ралева потенцира дека резултатите од ПИСА тестирањето треба сериозно да се анализираат од страна на креаторите на политиките.
- Тие нудат значајни информации за постигањата во специфични области и по конкретни компетенции. Покрај постигањата даваат и податоци за ставовите и перцепциите на учениците во врска со различни аспекти на учењето и наставата. Овие информации треба да се споредат и со резултатите од националното екстерно тестирање и државната матура и истите да водат кон развивање на поиздржани политики, засновани на докази - вели таа.
Инаку секоја од земјите учеснички има за цел води грижа прашањата со кои се тестираат учениците да бидат прилагодени на наставните програми кои се користат во земјата. Резултатите од тестирањето најголем дел од земјите ги користат за анализа на образовните политики и нивно прилагодување со цел подобрување на постигањата на учениците и нивна конкурентност со учениците на глобално ниво.
Целата анализа и резултати од ПИСА 2015 ги имате на овој линк:
http://www.keepeek.com/Digital-Asset-Management/oecd/education/pisa-2015-results-volume-i_9789264266490-en#page44