Безобразна кампања на главниот град на Литванија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали можете да покажете каде се наоѓа Литванија на мапа? Ако не знаете, тогаш новата кампања за главниот град на Литванија, Вилнус, навистина ќе ви помогне.
Во најновата реклама Вилнус се претставува себеси како Г-точката на Европа. За оние што не знаат, Г-точката е митско место што тешко се пронаоѓа на женското тело и предизвикува интензивно сексуално задоволство. Со тоа, новата кампања има цел да го претстави градот како дестинација за патување за голем број туристи.
- Кога станува збор за привлекување модерни туристи, се соочуваме со многу високо ниво на конкуренција од страна на другите европски градови и земји кои инвестираат во маркетинг за дестинации. Младите креативци што ја смислија идејата „Вилнус, Г-точката на Европа“, презентираа исклучително атрактивна идеја за да привлечат интерес за градот - вели Инга Романовски, директор на „Гоу Вилнус“, Агенцијата за туризам и развој на Вилнус.
Фото: Vilnius Tourism Board
Некои литвански свештеници изразија загриженост затоа што рекламата ја користи женската сексуалност за рекламирање и дава погрешни идеи за Вилнус, барајќи кампањата да биде одложена за периодот по посетата на папата Франциск.
- Малку луѓе знаат каде е
Вилнус, но кога ќе го посетат, туристите се заљубуваат во градот. Идејата дојде од нашите разговори со странските посетители, па така одлучивме дека Вилнус е синоним за теоријата на Г-точката - никој не знае каде е, но кога ќе се открие, сите се задоволни! - вели Јургис Раманаускас.
Според литванскиот премиер Саулиус Скверелис, станува збор за чуден избор за рекламирање, но верува дека тоа не ја преминува линијата во оваа демократска земја.