Скопје е на пат да стане голем урбан топлински остров
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во истражувањето беа искористени 17 случајно избрани области од Скопје и во нив беа направени анализи и корелации на процентуална зафатеност на топлотните острови, зелената и урбаната површина
Минималната зелена површина по глава на жител треба да биде 9 квадратни метри. Каква е ситуацијата во Скопје? Истражувањата на една случајно избрана локација во градов покажале дека дури 90 отсто се урбана површина. Сето ова води кон претворање на Скопје во еден голем урбан топлински остров, покажуваат резултатите од последните истражувања на геодетот Гордана Јовановска-Каплан, доктор на науки во областа на далечинската детекција и гео-информациските системи. Таа неодамна докторира на темата „Интеграција на оптички и радарски сателитски снимки за набљудување на Земјината покривка“. Во моментот работи како доцент во Институтот за Земја и вселена при Техничкиот факултет во Ескишехир, Турција, каде што се прават различни мултидисциплинарни истражувања.
Гордана Јовановска-Каплан
Кажете ни повеќе за Вашето последно истражување „Евалуација на улогата на зелени и урбани области во намалувањето на урбаните топлински острови со користење техники на далечинската детекција и ГИС“ во Скопје и како го спроведовте?
- Идејата се роди како follow-up на претходното истражување „Урбани топлински острови во Скопје“. Тоа беше прво такво истражување на состојбата во Скопје каде што беше утврдено дека голем дел од градот е зафатен со таквата појава. Потоа имавме успешна соработка со други истражувачи на таа тема, каде што, на мое задоволство, учествував во креирањето на првата термална мапа на градот Скопје. Во рамките на таа соработка беа дадени и предлози како нашиот главен град да се „бори“ со ваквата „современа“ појава. Иако и во светските и во локалните предлози најефективен е оној за зголемување на зелената површина во централното подрачје на градовите, во ниту едно истражување не е наведена површината на зеленило со која би се спречила појавата на урбани топлотни острови.
Седумнаесетте случајно избрани области од градот Скопје
Истражувањето беше извршено барајќи одговор на ова прашање со помош на сателитски снимки и ГИС-анализи. Прво беа изработени топлотни мапи и беа екстрактирани областите зафатени од урбани топлотни острови, а потоа беа изработени мапи на зелените и урбаните површини во Скопје. Во истражувањето беа искористени 17 случајно избрани области од Скопје и во нив беа направени анализи и корелации на процентуална зафатеност на топлотните острови, зелената и урбаната површина.
Од што се создаваат топли урбани острови во Скопје?
- Иако има повеќе фактори што влијаат врз создавањето и растењето на урбаните топлотни острови, главната причина е отстранување на природно-зелената површина и нејзина замена со објекти кои повеќе ја впиваат сончевата радијација и создаваат дополнително затоплување. Иако ваквата појава е присутна и дење и ноќе, нејзиното присуство особено се чувствува во дневните часови кога вештачката структура на градот ја апсорбира топлината. Природниот ефект на ладење, кој пак го овозможува зелената површина, слабее поради нејзиниот недостиг. Се разбира, има и други ефекти што влијаат врз ваквата состојба што треба да се земат предвид.
Колку природната геоположба на градот во Скопската Котлина придонесува за оваа состојба?
- Во последниве неколку години сме сведоци дека градот Скопје страда од повеќе негативни влијанија врз животната средина. Иако брзата урбанизација, како во другите градови така и во Скопје, е главна причина за појавување на ваквата состојба, геоположбата на градот исто така има негативно влијание.
Урбани топлотни острови во Скопје
Сепак, тоа не значи дека нема решение за Скопје, туку со таквата состојба сме уште еден чекор наназад. Земајќи ги предвид ваквите негативни влијанија, треба да се направат истражувања специфични за Скопје со кои би се дошло до оптимално решение. На пример, решението за урбаните топлотни острови за други градови може да не биде оптимално за нашиот главен град.
Што покажуваат истражувањата? Колкава треба да биде зелената површина во Скопје?
- Според Светската здравствена организација, минималната зелена површина по жител треба да биде 9 квадратни метри. Меѓутоа, целта на истражувањето беше да се одреди минимална зелена површина со која би се намалиле, односно спречиле појавите на урбаните топлотни острови. Според резултатите што беа направени на 17 дела во Скопје, беше утврдено дека една од површините има 90% урбана површина, и исто толкава површина е зафатена од истражуваниот феномен. Резултатите покажуваат дека во површините со урбана површина повисока од 40% има формирање на урбани топлотни острови. Еден од најважните резултати на ова истражување беше дека во одредена област, за да се спречи појавата на урбаните топлотни отрови, треба да имаме 40% урбана и 60% зелена површина. Секако, тие 40% урбана површина треба да бидат распространети во дадената област.
Сепак, зеленилото во Скопје упорно се заменува со бетон. Што дополнително ќе предизвика тоа за 10 години?
- Не е спорен урбанистичкиот развој на градот. Спорно е тоа што урбанистичкиот развој се прави насилно и неплански во однос на животната средина и влијанието на развојот врз еколошката безбедност и здравјето на луѓето.
Вегетациска покривка на Скопје. Црвената боја претставува урбано подрачје
Доколку се продолжи со истото темпо на заменување на природните зеленила со бетонски конструкции, тогаш Скопје ќе стане еден голем урбан топлински отров. За да се одбегне ваквата ситуација, потребни се дополнителни истражувања конкретно за Скопје и следење и имплементирање на таквите резултати. Не е доволно само да се засадат одреден број дрвја, потребно е да се знае каде и колку дрвја треба да се засадат.
Целото истражување може да го најдете на следниов
линк: