Колумна: Кој град е „град-пријател на младите“?
Колку и да звучи како празна флоскула, клучно е ние младите да имаме еднакви можности и место на масата каде што се одлучува за социјалниот, економскиот и политичкиот живот во местото каде што живееме. Градовите се во најдоброто издание кога се градат од заедници - а заедниците сега ги градат млади, на нови и иновативни начини
Пишува: Анелија Митрова, младински работник, Младински сојуз-Крушево
Како изгледа нашиот град во очите на другиот? Како беше изграден системот во кој живееме денес? Што недостига во мојот град? Како ние младите можеме да придонесеме кон градење на иднината на нашите градови? Сите овие прашања ја дефинираат нашата иднина и треба почесто да си ги поставуваме ако сакаме да живееме во „град-пријател на младите“. А, што воопшто значи тоа? Но, ова не е вистинското прашање што треба да си го поставиме, туку како да изградиме градови-пријатели на младите. Долго време и јас трагав по одговорот, лутав вечно незадоволна и скептична дека работите може да се променат додека не сфатив дека зависи само од мене дали ќе живеам во заедница која ќе се грижи за нас младите, за која морам и јас да придонесам. И потоа пак се појави уште еден сомнеж и чувство на немоќ дека јас како индивидуалец не можам никако да дејствувам и да придонесам.
Сосема случајно во 2018 почнав да работам на иницијативата „Град-пријател на младите“ заедно со мојот тим од Младински сојуз, што за мене беше „eye-opening“ искуство и враќање во реалноста. Родена и растена во Скопје, до тој момент не бев свесна колку сум привилегирана што живеам во главниот град каде што е сè централизирано и имам повеќе можности на дофат отколку моите врсници во другите градови. Самата иницијатива вклучуваше повеќе градови од внатрешноста, можноста да работам во овие градови ми беше животна лекција, излегувањето од својата комфорна зона и секојдневието ми покажа како живеат моите врсници на само неколку стотици километри од мене. Градови на духови, без можности за просперитет и вработување, без опции за социјален и културен живот, низок квалитет на стандард на живеење, без механизми за младинско вклучување и без никаква инфраструктура. Кога велам инфраструктура, не мислам само на функционални патишта, туку простори за младинско дружење, поврзување и креативно изразување. Дали е можна промена, секако дека одговорот е афримативен, но потребни се волја, информираност и безусловна посветеност.
Нашата иницијатива има цел да ја смени реалноста на младите на локално ниво и се заснова на три чекори: анализирај, воспостави дијалог и дејствувај. Исполнувањето на секој од овие три чекори е неопходен во процесот на градење град-пријател на младите. Анализата е неопходна за да увиди фактичката состојба во која се наоѓа градот и да се канализираат нивните потреби и проблеми и ова е првиот чекор што треба да го преземеме. Штом ги имаме потребните податоци, кој е следниот чекор? Воспоставување дијалог меѓу сите чинители на локално ниво кој отвора простор за соработка, дискусии и градење иднина користејќи ги податоците од анализата како основа. Директното дејствување преку застапување за суштинските младински прашања и спроведувањето опипливи активности бара најголема истрајност и посветеност за на прашањето кој град е град-пријател на младите одговорот да биде МОЈОТ град.
Да не заобиколувам повеќе и да одговорам на прашањето - Кој град е „град-пријател на младите“?
Секој град може, треба и мора да биде град-пријател на младите, а ако треба лично да одберам еден град, тоа дефинитивно би бил Берлин. Најразновидниот град што го имам посетено, со различни можности за вработување, алтернативни и креативно изразување, квалитетен стандард на живот, богата културна и социјална програма и безброј функционални јавни простори наменети за млади.
Колку и да звучи како празна флоскула, клучно е ние младите да имаме еднакви можности и место на масата каде што се одлучува за социјалниот, економскиот и политичкиот живот во местото каде што живееме. Градовите се во најдоброто издание кога се градат од заедници - а заедниците сега ги градат млади, на нови и иновативни начини. Гледаме дека градовите стануваат поразновидни, поиновативни и поуникатни од кога било досега. Јасно е дека токму оние градови што се отворени за промена ќе напредуваат преку бидување атрактивни за младите и нудење можности за долгорочен просперитет.
Младите денес се генерација која живее во општество кое се менува со експоненцијална брзина. Го имаме она што е потребно за да бидеме најпрогресивната генерација во историјата, и градовите треба да го следат нашето водство.