Менталното здравје низ две години корона-секојдневие

Менталното здравје низ две години корона-секојдневие

Понекогаш погледнете на вашиот предизвик низ призма на можност, а не на проблем

Речиси две години живееме поразлично. Помалку социјализирано, повеќе изолирано. Претпазливи едни кон други за да не нанесеме непосакувана можна штета или да не ни нанесат. Вистина е дека на многумина вирусот ни донесе болка, социјална изолација, страв, тага, осаменост и страдање.

Велат по дождот доаѓа сонце, но кога ли ќе изгрее нашето сонце? Сè уште е облачно или врне. Би требало да прифатиме дека завршувањето на пандемијата останува за една не/догледна иднина.
Менталното здравје на многумина беше засегнато. Никој не остана имун на новиот начин на живот поради демнеењето на секој агол и опасноста од непредвидливиот непријател. Тешкотии во комуникацијата, особено на децата, поради намалените контакти, зголемување на стравовите, анксиозноста која кулминира до паничен напад, намалување на самодовербата, особено кај адолесцентите. Спортистите беа особено оневозможени што ги туркаше кон бес и напнатост, нарушена самодоверба. Финансиското крахирање на естрадните уметници и угостители ја промени нивната слика за себе, го наруши нивниот личен интегритет и погледите кон иднината. Настана дополнително влошување на ситуацијата на бегалците и раселените лица низ светот и потенцирање на нивната агонија. Многубројни психички состојби кои заземаа размер дури и на растројства станаа секојдневие. Чувствата на меланхолија, незадоволство, страв и тага доминираа кај многумина.

Но, што научивме од коронавирусот? Да бидеме трпеливи, истрајни, мудри, да не губиме верба и да имаме надеж. Нè научи колку е вреден животот, колку се драгоцени оние што ги сакаме. Нè освести колку силни и храбри сме биле, без да знаеме за тоа: ученичиња со маски, медицински персонал со скафандери и лузни од маски, почитување невозможни протоколи, вакцинации, одбегнување ракување, воздржување од бакнување на најмилите и топли прегратки, самоизолации и домашен притвор. Вистински херои!



Короната нè потсети на основните човекови вредности и доблести: љубов, надеж, вера, солидарност, поддршка, човекољубие, но и за тенката границата помеѓу животот и смртта.
Изменетата реалност знае да претставува вистински удар врз нашето ментално здравје, но понекогаш погледнете на вашиот предизвик низ призма на можност, а не на проблем. Мудрите луѓе го извлекуваат најдоброто искуство од негативната ситуација или непосакуваниот настан, колку и да е тешко. Очекувајте ги и прифатете ги вашите стравови. Разговарајте за нив со некој чиј совет навистина го сакате. Бидете и самите нечија поддршка дури и на некој што не го знаете или малку го познавате.


Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог