Лудата наредба на Хитлер

Лудата наредба на Хитлер

Подготвил: Б.Б.

Ајфеловата кула е изградена пред самиот крај на 19 век, а интелектуалната елита ја оспорувала изградбата, сметајќи дека ќе фрла сенка на прекрасните културни и историски зданија во Париз. Спротивно на сите очекувања, Ајфеловата кула стана симбол на Париз и на цела Франција. Во текот на својата долга историја, кулата станала „сведок“ на многу познати и напознати настани...

За време на Првата светска војна, кулата се користела за попречување на германските радио-врски. Токму на тој начин кулата има свој придонес во славната победа на сојузничките војски во битката на Марна, на 12 септември 1914 година.

Помеѓу двете светски војни, на Ајфеловата кула била поставена најголемата и највисока светлечка реклама во тоа време во светот. Станува збор за рекламата на Citroen.


Фото: Wikipedia

Во текот на Втората светска војна, Хилер отишол во посета на Париз, со намера да се качи на „врвот на Париз“, но неговата намера била осуетена затоа што некој ги пресекол каблите од лифтот. На Фирерот не му се допаднала идејата да се искачува пешки по 1710 скали, па неговата намера останала нереализирана.

Сепак, Хитлер бил воодушевен од париската архитектура, па при таа посета изјавил дека ќе продолжи да го гради Берлин на начин што ќе го засени „градот на светлината“, како врвен стандард и критериум.
Хитлеровата посета на  престолнината на Франција траела само три часа, и тоа било неговото прво и последно доаѓање во Париз.

Германските војници се качиле на врвот на кулата и поставиле огромно знаме со свастика, но силниот ветер, само по неколку часови, го претворил во партали. Дополнително поставиле многу помало знаме, што останало на кулата сè до 25 јуни 1944 година, како симбол на окупираниот Париз. Лифтот бил „неисправен“ со години, а конечно бил поправен и вратен во употреба во 1946.

Бидејќи односот на силите се променил во 1944 година и сојузниците опасно се приближиле кон градот, Хитлер му издал наредба на својот генерал, Дитрих фон Култиц ,да го срамни  Париз со земја. Оваа наредба се однесувала и на Ајфеловата кула, која била прва на пописот.

„Градот не смее да падне во непријателски раце пред да биде претворен во рушевини“, гласела командата која хистеричниот Фирер ја издал на генералот.

За среќа на Париз, но и на цела Франција, Дитрих фон Култиц забележал дека наредбата е бесмислена и проценил дека Хитлер веќе станал непресметлив, па одбил да ја изврши. Заради ваквиот потег, подоцна ќе биде прогласен за „Спасител на Париз“, а со самото тоа, и на Ајфеловата кула.