Норвешка ги рециклира речиси сите пластични шишиња
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Едно по едно, постара жена ги става празните шишиња во дупката од машината на влезот на супермаркет во Осло. Со добро функционален систем на депозити, Норвешка ги рециклира речиси сите пластични шишиња.
- Треба да се ослободите од нив, па најдобро е тоа да го направите на интелигентен начин - вели жената на возраст од 70-ина години и продолжува да вади билет со бар-код што може да го замени за 3 евра.
Со стапка на рециклирање од 97 отсто, Норвешка е 10 години понапред од датумот што го постави Европската Унија како цел (2029 година) кога земјите мора да рециклираат најмалку 90 отсто од нивните пластични шишиња.
Франција и Велика Британија едвај можат да се споредат со нивните 60 отсто.
Депозитниот систем се смета за клуч за успехот на оваа нордиска земја. Потрошувачите плаќаат дополнително кога купуваат пијалак во пластично шише, а си ја враќаат сумата кога ќе го вратат шишето.
Фото: Pixabay
- Кога имате депозит на празните шишиња, во основа им кажувате на потрошувачите дека го купуваат производот, но го позајмуваат пакувањето - објаснува Кјел Олав Малдум, шеф на „Инфинитум“, компанија создадена од производители и дистрибутери за водење шема за депозити.
Концептот за враќање на празните шишиња толку се рашири, што за тоа постои и глагол на норвешки јазик: „å pante“.
Како дополнителен бонус, машините им даваат на потрошувачите избор: дали повратот сакаат да го искористат за да купат билет за лотарија или да го искористат во добротворни цели.
Повеќе од 1,1 милијарда пластични шишиња и лименки од алуминиум биле вратени во 2018 година на места за собирање во супермаркетите, бензинските пумпи и малите продавници.
Во Фетсунд, кој се наоѓа 30-ина километри североисточно од Осло, камионите постојано исфрлаат илјадници пластични шишиња во главниот центар за преработка на „Инфинитум“. Пластичните шишиња што некогаш содржеле вода или сок се сортираат, собираат и се поставуваат на палетите што личат на огромни рубикови коцки, а потоа се подготвуваат за „втор живот“ по рециклирањето.
Секое ново пластично шише содржи околу 10 отсто рециклиран материјал, ниво кое земјата се надева дека ќе го зголеми со регресивен данок што ќе ги охрабри производителите да користат рециклирана пластика наместо нова пластика, која во моментов е поевтина.
- Ова се нарекува круг на рециклирање; ако ги ставите шишињата во машината, тие влегуваат во чист круг. Можете да ги користите повторно и повторно, а можете да правите нови шишиња, многу пати - вели Харалд Хенриксен, шеф на „Томра“, компанија за машини за собирање пластични шишиња.
Со овој пример на кружна економија некои сметаат дека отпадот станува ресурс, чија вредност поттикнува собирање и рециклирање.
Идејата почнала да функционира и на други места.
- Еден пример е Литванија, каде што имале стапка на поврат од 34 отсто пред воведувањето на депозитниот систем. На крајот од втората година по воведувањето стапката се зголемила на 92 отсто - вели Хенриксен.
Иако норвешката индустрија за рециклирање признава дека планетата треба да му стави крај на овој проблем, сепак експертите велат дека пластиката, која е лесен, практичен и евтин материјал, сè уште има ветувачка иднина.
- Дали проблемот е во самата пластика или во начинот на кој ние, потрошувачите, се однесуваме со неа? Пластиката и понатаму е одлична, но добро би било да ја држите понастрана од природата - вели Малдум.
Извор:
Thelocal.no
Фото: Pixabay