Обуките ќе започнат во јуни и ќе бидат повеќедневни
Дали е возможно квалитетно да се обучат наставниците за еден целосно нов концепт на образование, на кој ќе треба да се приспособат и да го применуваат од 1 септември? Ова е едно од главните прашања на кои Факултети.мк побара одговори од практичари, кои со години се дел од образовниот систем и добро ги знаат условите. Освен тоа, со оглед дека новите правила за едукација на учениците според образовните реформи ќе почнат да се применуваат од септември, со нив поразговаравме и за тоа дали, според нив, е избрзано ваквото решение. Надлежните, пак, во меѓувреме информираат дека обуките ќе започнат во јуни и дека ќе бидат повеќедневни.
Би се обучиле, но колку квалитетно?
М-р Тања Стреоска-Урумовска, одделенска наставничка, вели дека наставниците, во овој целосно поинаков период, се покажале како многу „жилави“, доста издржливи и приспособливи на промени.
- Јас не се сомневам дека наставниците не би постигнале во краток период да се обучат или приспособат за поинаков концепт на работа. Но, се сомневам дека квалитетот и квантитетот на нивната спремност ќе бидат доволни за да можат веднаш беспрекорно да го изведат тоа. За толку краток период јас ќе бидам обучена, ќе ми бидат пренесени начините на работа, содржините, програмите, техниките, методите. Но, кога ќе влезам во училница и кога сето тоа ќе треба практично да го применам, сепак, ќе имам влијание од претходниот начин на работа, судир на новото со старото, па приспособување кон новото. Секогаш по искуственото учење доаѓа прифаќањето и влечење на целосниот квалитет и капацитет на примена на новините. Оттука, мое мислење е дека ние може да кажеме оти наставниците ќе бидат квалитетно обучени, но не може исто така да кажеме дека наученото ќе го применат во практика - смета наставничката Стреоска-Урумовска.
Новата концепција да не се воведе веднаш како коренита промена
На прашањето дали смета дека се брза со воведувањето на концепцијата, таа одговара: „Не би требало да се избрза и веднаш да се воведе како коренита промена.“
М-р Тања Стреоска-Урумовска
- Иницијативата за воведување промени во образовниот процес е за поздрав. Промени се потребни што поскоро, но сепак новиот концепт наиде на изненадувачки голем број спротивставени реакции и не би требало да се избрза и одма да се воведе како коренита промена. Прва причина е ситуацијава во која се наоѓаме, што ги отежна секојдневните обврски на сите учесници во образовниот процес оваа година. Учениците, наставниците и родителите едвај се приспособија на новитетите, што ни е добар показател дека секоја промена, дури и најмалата, тешко се реализира без попатни проблеми и приспособувања. Треба да се размисли убаво дали по ваков напорен период, потребно е да се пристапи кон уште поголема промена - смета таа.
Според неа, втора причина е потребата од дополнително време за анализа дали концептов е клучот за враќање на квалитетното образование, токму поради спротивставените ставови на повеќе угледни личности од областа.
- Ако ги разгледаме почетоците на современото образование, ние сме имале квалитетно образование во минатото чии темели биле поставени од академици, професори, книжевници, како Блаже Конески или Гане Тодоровски. Докажани и угледни личности во повеќе полиња, но и директни учесници, со огромно искуство во образовниот процес. Значи таквите реакции не смее да се занемарат. Новата концепција ќе биде успешна само ако биде мудро изведена, вклучувајќи ги сите директно засегнати страни во образовниот процес. Нејзината заложба е токму таква, за еднаква вклученост на сите во наставата, така што директен пример за тоа нека биде начинот на нејзиното реализирање. Добро е што се гледа желба за соработка и капацитет за прифаќање критики и сигурна сум дека ќе се постапи со големо внимание и во интерес на сите - смета наставничката.
„Ова е долготраен процес“
Наде Молеровиќ, долгогодишна наставничка и директорка на „Гоце Делчев“ во Скопје, која од неодамна е во пензија, смета дека се презема ризик и голема е веројатноста овој амбициозен проект за реформа во образовниот систем да не успее само поради избрзаноста и времето на имплементација во наредната 2021/2022 учебна година.
- Успехот на која било нова наставна програма зависи од соодветното ниво на компетентни професионалци кои ќе ја дизајнираат и развиваат, а потоа истиот тој тим ќе треба да спроведува процес на дисеминација и конечно имплементација, која треба да ја спроведуваат наставници. Да се развива нов концепт на нова наставна програма е долготраен процес. Не верувам дека и покрај целиот ентузијазам на тимот имплементација би била успешна за учебната 2021/2022 учебна година. Зошто? Затоа што сме средина на февруари, а сè уште не е дизајниран наставниот план и програма согласно предвидениот концепт за промени во основното образование. Кога ќе биде конечно изработен, треба да следи запознавање и обуки на наставниот кадар, кој треба да биде обучен и запознаен со целите и како да се реализираат и кои активности ќе се применуваат за да развиваат знаења и вештини кај учениците. Главната промена и придобивка од новиот начин и концепт на учење треба да биде фокусирана на одговори на прашањата како, а не на што? – вели Молеровиќ.
Наде Молеровиќ / Фото: Приватна архива
Тренинзите и обуките се неопходни
Според неа, истовремено треба да тече и процесот на креирање и пишување учебници согласно новата програма. Учебници кои ќе бидат водич низ наставните предмети и содржини, со избор на најразлични активности, со јасни и едноставни упатства за користење од страна на учениците, наставниците и родителите. Откако и тие ќе бидат подготвени за примена, следува најважниот процес на обуки и тренинзи за наставниот кадар.
- Освен обуки за имплементација на новиот курикулум, новите учебници во училиштата, на наставниците им се неопходни обуки за давање инструкции при реализација на наставата, обуки за поставување прашања, обуки за како да се оценуваат и образложуваат оценките, обуки за рефлексија во секојдневното реализирање на наставата, обуки за комуникациски вештини, обуки за тимска работа, обуки, обуки... Ете, затоа мислам дека избрзаното воведување на која било реформа може да биде уште едно разочарување на децата, наставниците, родителите и голема штета за сите нас како општество. Најклучното прашање: Која институција ќе го спроведува обучувањето, тренингот на наставниот кадар? Дали имаме капацитети за градење нови парадигми во образованието, каде што најважно ќе биде да ги учиме децата дека учењето е процес во кој се влегува со радост и љубопитство. Дека секое дете е потенцијал кој училиштето треба да го открие, потикне и мотивира - вели Молеровиќ.
Советници и универзитетски професори ќе обучат 3.000 наставници
Митко Чешларов, раководителот на секторот за развој на наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието, координатор на работната група за изработка на Концепцијата и автор на концепциски документи, програми и други стручни документи и прирачници за наставата и учењето, информира дека обуки ќе има и дека тие ќе почнат да се реализираат од јуни.
- Обуките ќе траат од јуни до септември и ќе бидат наменети за наставниците од прво и од четврто одделение, односно ќе ги поминат околу 3.000 наставници. Ние како Биро и досега имаме организирано и реализирано обуки со поголем број наставници. Обуките ќе бидат регионални, организирани во 10 центри и ќе бидат повеќедневни. Се надеваме дека дотогаш ќе има услови да се реализираат според протоколи во живо. Обучувачи ќе бидат советници и универзитетски професори. Обуки за наставниците од шесто одделение ќе има в година - вели Чешларов.
Митко Чешларов / Фото: Приватна архива
Со новата концепција целта е да се зголеми чувството на еднаквост меѓу учениците, да се намалат предрасудите, да се подобри меѓуетничката интеграција во образованието и социјалната кохезија. Во предметна настава се очекува тимска работа на наставниците, заеднички да планираат и оценуваат, но секој да си влегува на час со оглед на дисциплината за која претходно е обучен во базичното образование. На крај, ученикот ќе добие додаток на свидетелство, во кој ќе стои опис на преференциите, т.е. ако некој ученик се истакнува повеќе по предметот историја, тоа да биде истакнато во додатокот на свидетелство. Општествени науки ќе изучуваат учениците од прво до трето одделение, а предметот ќе се вика Општество, а од 4. до 9. одделение предметот ќе се вика Историја и општество. Овој интердисциплинарен пристап ќе им овозможи на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини во реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и променливи.