Да се одложат колоквиумите и испитите, да се користи платформа за е-настава, предлага Универзитетското студентско собрание
Универзитетското студентско собрание на УКИМ веќе неколку дена разгледува повеќе потенцијални решенија за функционирањето на високото образование во периодот што следува, а воедно иницирало и процес во кој целиот Универзитет треба да изгради став и да даде насоки како факултетите да постапуваат за време на мерките што ги презема Владата за спречување на ширењето на коронавирусот, стои во нивното соопштение.
Во однос на наставата, интерните акти на Универзитетот ја дозволуваат онлајн-наставата како механизам кој може да се применува во текот на студирањето.
- Во моментов некои факултети на УКИМ работат на креирање сопствен систем за е-настава кој се надеваме дека наскоро ќе биде подготвен, а покрај интерните системи, ние како УСС ја предлагаме платформата ZOOM.US, како веќе тестирана и проверена платформа за е-настава која се користи на повеќе универзитети во светот. Трошоците за оваа платформа би биле минимални, а би била достапна веднаш - велат од УСС.
Оттаму предлагаат колоквиумите и испитите да се одложат додека не се создадат услови за нивно полагање.
- Во моментов ситуацијата е неизвесна и небезбедна, па би било несовесно да се изложуваме на дополнителен ризик. Додека да се создадат безбедни услови за полагање на испитите и колоквиумите, професорите можат да користат алтернативни начини на проверка на знаењето (семинарски), за предметите каде што тоа е возможно. Во однос на лабoраторските вежби, за жал, не гледаме безбеден начин за нивна реализација. Предлагаме нивно одложување додека не се направат услови за безбедно одржување. Во моментов бараме потенцијални решенија.
Во однос на студентските патувањa и конференции, апелираме за нивно итно откажување и стопирање на организациските подготовки за патувањата и конференциите што треба да се случат во април и во мај.
- Со оглед на околностите, веќе сосема јасно станува дека кризата ќе продолжи, па сосема неодговорно би било доколку се продолжи со организација и преземање обврски за овие патувања и конференции. Преземањето обврски за овие патувања може само дополнително да ја искомплицира ситуацијата кога тие ќе бидат официјално забранети, па затоа сметаме дека мора да се антиципира проблемот и превентивно да се дејствува.
- Мораме да разбереме дека ова е најголемата здравствена, економска и општествена криза со која се соочуваме ние како генерација. Мораме да разбереме дека единствен начин за намалување на последиците и пребродување на кризата е целосно и максимално посветено почитување на мерките и насоките на Министерството за здравство.
Се гледаме во аулите и амфитеатрите!