Образованието за климатските промени може повеќе да помогне отколку обновливите извори

Образованието за климатските промени може повеќе да помогне отколку обновливите извори

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Курсевите за едукација што истражуваат практични решенија за ублажување на климатските промени може да имаат поголемо влијание врз намалувањето на емисиите на јаглерод отколку префрлувањето на електрични автомобили или некои форми на обновлива енергија, тврдат академиците.

Истражување за ваков универзитетски курс во САД посочува дека курсот ги променил подоцнежните однесувања на дипломираните студенти до тој степен што тие значително ги намалиле нивните емисии на јаглерод во споредба со општата популација.

Студентите од Универзитетот „Сан Хозе“ во Калифорнија може да се запишат на курсот кој им овозможува да ги истражуваат врските помеѓу нивниот личен и професионален живот и климатските промени и да учествуваат во проект за да најдат начини за намалување на емисиите во локалната заедница.

Истражување спроведено на дипломците од „Сан Хозе“ кои го поминале курсот помеѓу 2007 и 2012 година открило дека голем дел од нив изјавиле дека направиле промени во животниот стил, како што е почесто рециклирање (90 отсто) и користење енергетски ефикасни светилки (86 отсто). Значително малцинство изјавило дека направило избор кој потенцијално бил поскап, но помалку влијателен во однос на емисиите, на пример, купување енергетски ефикасен автомобил.

promeni
Фото: Pixabay

Анализа за тоа како овие промени влијаеле врз нивниот јаглероден отпечаток покажува дека курсот придонел студентите да ги намалат нивните индивидуални емисии на јаглерод за 2,86 тони годишно повеќе од просечен граѓанин на Калифорнија.

Авторите пресметале дека ако само 16 отсто од сите тинејџери во средно училиште во побогатите нации имаат слично образование до 2050 година, тоа би можело да има поголем ефект врз намалувањето на емисиите отколку индивидуалното влијание со други мерки, како што е префрлување на електрични возила, засадување дрвја и развој на ветерници.

Јуџин Кордеро, професор по метеорологија и наука за климата во „Сан Хозе“, изјави дека одборите за финансирање честопати сметаат дека е полесно да се финансира во мерките за намалување на јаглеродот. Така, тие имаат тенденција да кажат дека е полесно да се финансираат енергетски ефикасни светилки и да се поделат на јавноста.

- Но, ако кажете дека имаме образовна програма, тие велат дека никој не докажал дека е ефикасна - вели тој.

Иако истражувачите потврдуваат дека истражувањето не го проценило однесувањето на студентите или ставовите кон животната средина пред да почнат со курсот, професорот Кордеро вели дека кредитите од курсот што биле достапни со посета на курсот покажале дека се запишале голем број студенти.