Ако не знаете што да гледате, ова се 3 крими-документарци што неодамна се појавија на „Нетфликс“

Ако не знаете што да гледате, ова се 3 крими-документарци што неодамна се појавија на „Нетфликс“

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои од најинтересните содржини што можете да ги гледате се однесуваат на вистински настани. Не е новост дека луѓето се многу привлечени од крими-жанрот или документарните филмови кои се занимаваат со криминални случаи. Без разлика дали се работи за бизарни случаи, убиства или финансиски измами, насловите за вистински криминал често се едни од најгледаните. Во продолжение истакнуваме три такви дела кои неодамна пристигнаа на „Нетфликс“.

„Хаос: Убиствата на Менсон“

Чарлс Менсон е еден од најпознатите криминалци и негативци во историјата. Има многу документарни, играни филмови и разни други интерпретации за неговото „Семејство Менсон“, а неодамна пристигна нов документарец: „Хаос: Убиствата на Менсон“ од оскаровецот Ерол Морис, кој навлегува длабоко во срцето на убиствата. За оние што не се запознаени, Чарлс Менсон бил водач на еден култ, т.н. Семејството Менсон, група млади луѓе на кои Менсон им наредил да извршат убиства во доцните 60-ти години. Познат е случајот со убиството на американската актерка Шерон Тејт, во чиј дом било упаднато и таа била убиена. Овој документарец ги истражува потенцијалните теории на заговор околу случајот и фрла сомнеж врз одредени факти.


„Потрага по најлошиот измамник на Инстаграм“


Ако ја гледавте серијата „Јаболков оцет“ и сега ја барате вистинската приказна зад серијата, погледнете го документарниот филм „Потрага по најлошиот измамник на Инстаграм“. За да не се фокусираме премногу на мрачните приказни за убиствата, ви го пренесуваме овој наслов кој се занимава со голема измама. Филмот ја следи Бел Гибсон, блогерка која на своите следбеници на „Инстаграм“ им открила дека боледува од рак на мозокот. Лекарите ѝ рекле дека ѝ останале само уште четири месеци живот, но Гибсон за чудо живеела со години. Во голема мера благодарение на нејзината здрава исхрана и начин на живот. Како што растела нејзината популарност (и заработка), таа преку ноќ забележала успех и станала херој на многу пациенти со рак. Сѐ додека не било откриено дека сето тоа го измислила.

„Американско убиство: Габи Петито“


Доколку сè уште не сте го гледале, дефинитивно е препорака. Ова е нова приказна во серијалот „Американско убиство“ на „Нетфликс“, која следи трагични случаи на партнерско насилство. Последната приказна ја следи 22-годишната блогерка за патувања Габи Петито, која била убиена од нејзиниот свршеник Брајан Лаундри додека патувале со комбе низ Америка.

Извор: journal.hr

Фото: Freepik