Како родовите стереотипи ја обликуваа судбината на електричните автомобили?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На почетокот на 20 век не се ни претпоставувало дека автомобилите на бензин ќе ја преземат доминацијата на пазарот. Во 1900 година само 22 отсто од произведените автомобили во САД биле на бензин, додека преостанатите биле електрични или со парен погон.
Дебатата зошто електричните автомобили не успеале низ историјата сè уште трае. Некои сметаат дека техничките ограничувања биле главната причина, иако електричните автомобили во 1910 г. имале досег од околу 135 километри и биле поевтини за возење на долг рок.
Други сметаат дека проблемите со електричните возила можеле да се решат доколку електричната мрежа и станиците за полнење биле развиени порано. Но, освен техничките и инфраструктурните фактори, постои уште еден важен аспект: дали родовите стереотипи ја одредиле судбината на електричните автомобили?
Електричните автомобили - женски возила
Американската историчарка Вирџинија Шарф во 90-тите години предложила идеја што предизвикала голема дискусија – електричните автомобили биле етикетирани како „женски автомобили“, и тоа од самиот почеток.
Во ново истражување економскиот историчар Јозеф Талби ја анализирал рекламната стратегија на електричните автомобили од 1900 до 1919 година. Тој открил дека на почетокот тие не биле насочени кон женската публика: само 22 отсто од рекламите меѓу 1900 и 1904 година биле наменети за жени. Наместо тоа, производителите ги рекламирале како чисти, сигурни и погодни за бизнисмени и семејни луѓе.
Сепак, со појавата на евтиниот и масовно произведуван „форд модел Т“, автомобилите на бензин за брзо време почнале да доминираат. Производителите на електрични возила одговориле на тоа со промена на маркетингот. Во 1910 дури 77 отсто од рекламите за електрични автомобили биле насочени кон жени.
На краток рок ова била успешна стратегија: производителите на автомобили кои се рекламирале кај женската публика опстанале многу подолго. Еден од најпознатите примери бил „Детроит електрик“, кој произвел повеќе од 13.000 автомобили во текот на своето постоење и бил единствениот поголем производител на електрични возила што преживеал до 20-тите години.
Рекламите ги прикажувале електричните возила како „безбедни и лесни за возење“, совршени за жени кои се движеле низ градот.
Судбината на електричниот автомобил
Во 1912 година Чарлс Кетеринг го патентирал електричниот стартер за бензински автомобили, кој овозможувал лесно стартување. На почетокот овој механизам бил сметан за „женствен“, но практичноста победила и во 1919 година станал стандард во бензинските автомобили.
Бидејќи бензинските автомобили ги презеле „женствените“ карактеристики како ветробранското стакло и електричното стартување, електричните возила се нашле во незгодна ситуација. Тие биле силно поврзани со традиционалните родови улоги, кои веќе почнале да се менуваат.
Дали токму оваа „феминизација“ го запечатила нивниот крај? Не целосно. Главниот проблем останала инфраструктурата, а со зголемувањето на потребата за возење надвор од градот, ограничениот досег на електричните автомобили станал сè поголем недостаток.
Но, кога електричните автомобили не успеале да се вратат на сцената, родовите перцепции веќе играле значајна улога.
Поврзувањето на електричните возила со конзервативниот поглед на улогата на жените во општеството помогнало да бидат избришани од јавната перцепција за иднината на автомобилската индустрија.
Историјата како предупредување
Денес, жените купуваат половина од новите автомобили во САД. Но, постои јаз во политичките ставови за одржливоста – некои истражувања покажуваат дека одржливите технологии често се перципираат како „женствени“. Истовремено, извршниот директор на еден од водечките производители на електрични автомобили гласно се залага за враќање на традиционалните родови улоги, што некои го нарекуваат „технофашизам“.
Историјата покажува дека концептите на „машко“ и „женско“ можат да бидат бариери за иновациите. Наместо да ја оставиме технологијата да биде диктирана од социјалните предрасуди, важно е технолошките промени да бидат инклузивни и да носат корист за сите, без разлика на полот, статусот во општеството или етничката припадност.
Извор:
The Conversation
Фото:
Wikimedia Commons