Оваа природна атракција во Кина го освојува светот

Оваа природна атракција во Кина го освојува светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сѐ започнало кога дизајнерот Гуо Чингшан од Шангај објавил фотографија од своето патување со натпис „Планината кученце“ за Денот на вљубените. Фотографијата за брзо време станала хит на кинеските социјални мрежи, претворајќи ја оваа необична карпеста формација во нова туристичка атракција.

Планината што поттикна „кучешки туризам“


Гуо, кој ја посетил својата родна провинција Хубеи во јануари, направил фотографии од пејзажот покрај реката Јангце. Дури подоцна забележал нешто фасцинантно – планина во облик на кучешка глава, со „муцката“ потпрена на водата, како да пие или гледа риби.

Кога ја објавил фотографијата на кинеската платформа „Редноут“, за само десет дена собрал 120.000 лајкови. На социјалната мрежа „Веибо“, хаштагот #xiaogoushan (што значи „Планината кученце“) добил милиони прегледи.

- Беше навистина симпатично. Бев воодушевен кога го открив ова - изјави Гуо.

На некои планината им изгледа како куче што пие вода, додека други велат дека изгледа како да ја чува реката Јангце. Ова откритие инспирирало многумина да објавуваат фотографии од своите кучиња и да споредуваат кое најмногу личи на планината.

 
По виралниот успех, десетици посетители одлучиле да одат во Јичанг за да го видат природното чудо одблиску – некои дури ги носат своите кучиња за да направат симпатични фотографии.

Необичен феномен: гледање ликови во природата

Феноменот каде што луѓето препознаваат лица или фигури во природни форми се нарекува пареидолија. Ова не е прв ваков случај – низ Европа има многу планини што личат на човечки или животински профили, како „Лицето на заспаниот човек“ во Шпанија или „Стариот човек од Хобурген“ во Шведска.

Сепак, „Планината кученце“ останува уникатна по тоа што буди емоции кај љубителите на животни и привлекува туристи од целата земја.

Извор: Euronews.com
Фото: Facebook