Седумдневна жалост во Македонија по трагедијата во Кочани
Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување 7-дневна жалост на територијата на целата држава. Денешната седница со едноминутно молчење со цел да им се оддаде почит на трагично загинатите лица во трагедијата во Кочани.
-На денешната вонредна владина седница по трагичниот настан во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа, Владата донесе одлука за прогласување на 7-дневна жалост на територија на целата држава. Секој да се придржува до одлуката бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Деновиве Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост за огромната несреќа која се случи - стои во соопштението.
Во него се додава дека на седницата била донесена одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор) на територијата на Македонија и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата.
Владата донела заклучок за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.
-Владата ја информира јавноста дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се прибираат материјални докази и дека секој кој е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара. Никој не е над законот. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, во овој трагичен настан не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадомесливата загуба. Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените - истакнуваат од Влада.