Како Финска се справува со бездомниците и зошто е толку успешна во тоа?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Поминале седум години откако Арво првпат влегол во зградата. Тогаш зградата била хостел за бездомници. Арво се сеќава на првиот ден кога влегол во својот дом. Требало да живее заедно со тројца мажи чии лица биле мрзливи и меланхолични. Ова бил неговиот дом некое време.
Арво некое време бил на улиците и повремено престоjувал кај пријатели и спиел на јавни места, станици и скали. Неговата поранешна сопруга и ќерката биле само бледа меморија. Престојот во хостелот бил подобар од ништо, но ништо повеќе од тоа.
Денес Арво отвора нова врата - овој пат од неговиот стан под кирија. Тоа е истата зграда во која престојувал, но сега е целосно реновирана и претворена во зграда со станови за изнајмување. Иако станот не е многу голем, има сè што му е потребно.
Откако се всели, Арво ретко пие - тој не сака да ја уништи шансата да живее во овој нов дом. Утре е голем ден: има интервју за работа. Можеби овој пат ќе му се насмевне среќата. Тој се надева, постојат причини за живеење и иднина за него.
Приказната на Арво е само една од многуте од „Алпикату 25“, поддржана станбена единица во Хелсинки, која сега има 81 стан за изнајмување во кои живеат некогашни бездомници. Изградена во 1936 година, зградата била целосно реновирана во 2012 година за 9,2 милиони евра, финансирана од 60 отсто грант од Фондот за домување и финансирање на Финска. Зградата обезбедува независни станови, заеднички објекти и поддршка за станарите на самата локација.
„Алпикату 25“ е еден вид предводник на новата политика на Финска за ставање крај на бездомништвото. Ги илустрира аспирациите и конкретните мерки на Националната програма за ставање крај на долгорочното бездомништво, која била започната во 2008 година. Еден од темелите на оваа програма е стратегијата за замена на привременото сместување со постојано домување врз основа на договори за изнајмување. Ова фундаментално ја промени структурата на услуги и решенија за домување достапни за бездомници. Само постојаните домувања може да обезбедат сигурно, одржливо решение за бездомништво и основа за пристоен живот.
Во 2008 година имало речиси 600 легла во засолништата и хостелите во Хелсинки. Денес има постојан центар за итно сместување со 52 кревети (во зима се обезбедува дополнително привремено сместување доколку е потребно).
Важна лекција што Финците ја научиле во текот на 10 години е дека обезбедувањето независни, постојани станови за изнајмување е одлично решение за бездомништвото. Освен тоа, важно е да се обезбедат различни алтернативи за домување. Повеќето бездомници преферираат независен стан отколку куќа. Други сакаат да живеат во сопствени изнајмувачки станови во покомунална структура, меѓутоа, во рамките на поголема куќа. Причина за тоа е што се плашат од изолација и осаменост.
Во последниве неколку години Финска е една од ретките земји каде што е намален бројот на бездомниците. Финскиот успех е објаснет со оваа национална стратегија, насочена кон најранливите бездомни лица. Уште поважен е начинот на кој програмата е имплементирана на национално ниво. Координирани од министерството за животна средина, овие програми се спроведени во широки партнерства меѓу министерствата, градовите и групите на граѓанско општество. Работата се извршува заедно во согласност со заеднички договори и планови со заедничка финансиска одговорност на државата и градовите.
Во период од 10 години биле обезбедени повеќе од 7.290 дома за бездомниците. Во 1987 година имало 1.370 бездомни семејства и 17.110 бездомни лица. Споредете ги овие резултати со најновите од 2017 година: 214 бездомни семејства и 6.615 бездомни лица од кои 5.528 привремено живеат кај пријатели и роднини.
Финскиот пример покажува дека
бездомништвото не е закон на природата. Може да се намали, па дури и да му се стави крај.