Што да правите ако поради коронавирусот постои ризик да останете во САД подолго отколку што ви дозволува визата?
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Навигацијата на царинските и имиграциските процеси може да биде многу стресна. А во време на глобална пандемија може да биде тешко да се одлучи како е најдобро да се дејствува.
На пример, што треба да направите ако сте во САД и има ризик да останете подолго отколку што дозволува вашата виза? Останувањето може да има одредена цена. Во најлош случај, на оние што ќе останат подолго од дозволеното може да им се забрани повторно да влезат во САД или да им се забрани да аплицираат за друг вид виза во иднина. Генерално, ако сте останале меѓу 180 и 365 дена повеќе од дозволеното, тогаш може да добиете забрана за 3 години ако се обидете да се вратите. Ако вашиот незаконски престој надминува една година, може да добиете забрана за 10 години.
Сепак, со оглед на околностите, тешко може да купите билет за да се вратите дома. Затоа американската
Служба за државјанство и имиграција (USCIS) објави упатства за оние што поради пандемијата се заглавени во САД. За покомплицираните случаи може е подобро да се консултираат со адвокат за имиграција, кој би требало да може да им даде подетален совет.
Аплицирајте за продолжување
Ако имате намера да останете во САД и сакате да аплицирате за друга виза (позната како промена на статус, односно COS) или да ја продолжите сегашната (продолжување на статус, или EOS), продолжете како и во нормална состојба. USCIS сѐ уште прима и процесира апликации, а многу од нив може да се потполнат онлајн.
Ако не сте успеале да ги поднесете документите навреме, нема потреба да паничите затоа што од USCIS велат дека ќе ги земат предвид одложувањата предизвикани од пандемијата при одлучувањето дали да ги простат одложувањата во потполнувањето на документите врз основа на вонредни околности. Сепак, треба да поднесете кредибилен доказ за да го поддржите барањето и да објасните зошто доцните.
Правилото на 60 дена
Ако сте добиле отказ, имате 60 дена од завршувањето на работниот ангажман да најдете друга работа или треба да ја напуштите земјата. Ова правило е од пред кризата и се однесува на неимигрантски работници кои имаат Е-1, Е-2, Е-3, H-1B, H-1B1, L-1, O-1 и TN визи. Не можете да работите во текот на тие 60 дена, но можете да го искористите времето да најдете нов работодавец, кој може да аплицира за продолжување на визата во ваше име.
Ако вашата виза едноставно истекла, сепак, грејс-периодот е многу пократок. Обично оние што имаат виза имаат 10 дена за да си ги средат работите и да ја напуштат земјата. Од USCIS не индицираа за некаква флексибилност во однос на тоа, и покрај околностите. Ако не сте успеале да заминете и сега се приближува датумот кога ви истекува визата, можеби треба да контактирате со адвокат за имиграција или со
Контакт-центарот на USCIS.
Насловна фотографија: Pixabay